/ Прочитано:

3.616

СЕ СОЗДАВА ПОЗИТИВНА СУДСКА ПРАКСА: Втора правосилна пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

Основниот суд Скопје 2 Скопје донесе втора пресуда со која утврди дека македонски веб-портал спротивно на Законот за авторското право и други сродни права објавил фотографија од познат балкански рок-музичар. Како и во предметот за првата пресуда, и во овој случај се работи за фотографско дело на тужителот кој го фотографирал рок-музичарот за време на неговиот концерт.

Во пресудата која е правосилна се наведува дека со изложувањето на фотографијата веб-порталот сторил повреда на материјалното и моралното право на тужителот како автор на неговото авторско дело.

„Авторското право е единствено право и неразделно од авторското право на тужителот. Ова дотолку повеќе што тужениот во статијата објавена на неговата веб страница со изложување на фотографијата создадена од тужителот истата е ставена на располагање на јавноста, без притоа да склучи писмен договор со  тужителот како автор на фотографското дело за да истото со согласност со тужителот биде пренесено на друго лице во конкретниот случај со тужениот. Со ваквото дејствие на тужениот судот цени дека во конкретниот случај сторил повреда на правото на тужителот која заштита е предвидена во чл. 26 од ЗАСП“, се вели во пресудата на Граѓанскиот суд.

Инаку, во членот 26 од Законот за авторското право и други сродни права се пропишува дека материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело. Авторот има исклучиво право да дозволи или да забрани користење на неговото дело, или негови примероци од други лица, освен во случаи определени со овој закон.

Адвокатката Маја Ристова, која го водеше овој предмет, како и предметот со претходната правосилна пресуда, вели дека е најзначајно што се создава позитивна судска практика, којашто понатаму ќе имплицира општествени промени.

„Како првата, така и оваа пресуда ги охрабрува авторите и ја зајакнува нивната доверба во правниот и во судскиот систем. Правната сигурност, секако, има мошне значајна улога во нивната мотивација за творештво“, истакнува Ристова.

УМЕТНИЧКИ ФОТОГРАФ СЕ ИЗБОРИ ЗА СВОИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА: Донесена првата пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

М.В