/Прочитано:

1.139

Улогата на медиумите во заштитата на приватноста

Од почетокот на оваа година до Дирекцијата за заштита на личните податоци пристигнале неколку пријави од граѓани чиишто матични броеви биле објавени на онлајн портали. Нагласуваат дека има и пријави кои се однесувале на објава на преголем обем на лични податоци: освен име и презиме, адреса, било објавено и каде работи лицето, што според Дирекцијата е преголем обем на лични податоци со кој може да се дојде до идентификација за физичкото лице за кое станува збор.

На денешната работилница на тема „Улогата на медиумите во заштитата на приватноста, нетолеранцијата на говорот на омраза, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и приватноста на јавните личности – Практика и студии на случај од ЕУ и Македонија“ беше нагласено дека правото на приватност на сите луѓе треба да се почитува, а службеникот за заштита на личните податоци треба да функционира внатре во медиумот како лице, односно ентитет кој ќе поставува политики за приватност.

Работилницата е дел од проектот „Заштита на личните податоци и медиумите“, а е финансиран од ИПА ТАИБ 2012 програмата на Европската Унија, со поддршка на Дирекцијата за заштита на личните податоци. 

Претставничката од Дирекцијата за заштита на личните податоци, Лилјана Пецова -Илиевска, нагласи дека е најважно да се дефинира улогата на медиумот кога се работи за заштита на личните податоци.

„Нашата цел на оваа работилница е да го разгледаме прашањето околу поднесените претставки од граѓаните кога се работи за злоупотреба на личните податоци од страна на медиуми, колкав е нивниот број, како предмети што се однесуваат на злоупотреба на матичниот број, односно објава на матичен број од страна на медиум, како и аспектот на саморегулација“, потенцираше таа.

Според Пецова-Илиевска, медиумот има можност да биде саморегулаторно тело и со назначување на службеникот за заштита на личните податоци да дејствува во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

„Службеникот за заштита на личните податоци е инструмент, механизам кој постои и во националната легислатива и во новата регулатива на Европската Унија и со тоа се зајакнуваат и улогата и статусот на ова лице, кое треба да функционира внатре во медиумот како лице, односно ентитет кој ќе поставува политики за приватност. Се надеваме дека ќе ја зајакнеме неговата улога со тоа што ќе спроведеме низа обуки, а се разбира и медиумите ќе ја сфатат важноста, односно значајноста на неговата улога и надлежноста, односно законските обврски. Со низа истражувања во регионот и пошироко, сите земји имаат различни модели на саморегулација, не само регулација внатре во медиумот и на медиумите воопшто, туку и на онлајн сферата“, истакна Пецова-Илиевска.

Таа појасни дека најголем број пријави од граѓани за злоупотреби се однесуваат на објавувањето матичен број.

Од почетокот на оваа година до Дирекцијата за заштита на личните податоци пристигнале неколку пријави од граѓани чиишто матични броеви биле објавени на онлајн портали. Пецова-Илиевска рече дека има и пријави кои се однесувале на објава на преголем обем на лични податоци: освен име и презиме, адреса, било објавено и каде работи лицето, што според неа е преголем обем на лични податоци со кој може да се дојде до идентификација за физичкото лице за кое станува збор.

Тим-лидерот на овој проект, Наташа Пирц-Мусар, која е експерт на Европската Унија од Словенија, особено потенцираше дека медиумите треба да знаат дека и тие треба да го почитуваат Законот за заштита на личните податоци. Таа упати на фактот дека медиумите објавуваат лични податоци, користејќи ја својата позиција дека во име на правото на слободата на изразување можат да направат сè.

Во оваа насока, Пирц-Мусар рече дека правото на слободата на изразување не е апсолутно право, туку е релативно право, што значи дека е ограничено со правата на другите. Во сите земји од ЕУ и во Македонија, како што нагласи, се забележува како медиумите навлегуваат во приватноста на поединци.

„Целосно сум уверена дека и новинарите треба да ги знаат основите на тоа уставно право за да знаат да пресудат кога можат да навлезат во приватноста на некој поединец и кога не смеат. Кога се во прашање политичарите, познати пејачи, телевизиски ѕвезди, тие имаат помала приватност кога излегуваат надвор од дома“, рече Пирц-Мусар.

А. Б.

Погледнете и ..