/ Прочитано:

1.378

Унитарен пристап за успешно справување со миграциските процеси

Мигрантскиот бран што ја зафати Европа, а во кој Македонија беше дел од т.н. Западнобалканска миграциска рута, покажа низа слабости не само кај нас, туку генерално и во Европа. Огромна улога во справување со миграциите, кои се глобален проблем, имаат солидарноста и координацијата и тие се незаобиколни точки без кои не може да се претендира кон квалитетни, систематски и нормативни решенија.

Од бегалската, односно мигрантската криза произлегоа низа реални последици со кои треба да се справуваат земјите што беа дел од Западнобалканската миграциска рута. Веќе е констатирано дека на решавање на овој проблем треба континуирано да се работи, бидејќи секоја од земјите што се само транзит за мигрантите за да стигнат до западноевропските земји се соочува со различни предизвици, констатираат учесниците на Регионалната конференција на тема: „Минато, сегашност и иднина: Со какви предизвици се соочуваат луѓето кои мигрираат преку т.н. рута Западен Балкан?“

„Грција е прва земја каде што бегалците доаѓаат и во која останаа голем број од нив, но и од каде што се спроведува релокацијата во европските земји. Македонија и Србија се транзитни земји кои беа актуелни до пред една година кога беше затворена бегалската рута, а во моментов се соочуваат  со ирегуларна миграција и повторно активирање на шверцерските рути, што ни создава дополнителни проблеми. Хрватска, Словенија и Австрија се земји во кои, откако ќе дојдат мигрантите, тамошните институции работат на нивна интеграција“, изјави Јасмин Реџепи, претседател на НВО „Легис“.

Според министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, подготвеноста на ресурсите во секој момент е од огромно значење за успешно справување со миграциските процеси.

Предизвиците и заканите се огромни и реални. Мигрантскиот бран што ја зафати Европа, а во кој Македонија беше дел од т.н. Западнобалканска миграциска рута, покажа низа слабости не само кај нас, туку генерално и во Европа. Огромна улога во справување со миграциите, кои се глобален проблем, имаат солидарноста и координацијата и тие се незаобиколни точки без кои не може да се претендира кон квалитетни, систематски и нормативни решенија. Хуманитарниот и безбедносниот аспект на бегалскиот бран, особено во почетокот на кризата, беа ставени во втор план за сметка на претераното политикантство и манипулација со катастрофалните размери на тој егзодус. Затоа би сакал да истакнам дека Министерството за внатрешни работи, во согласност со организациските, кадровските и финансиските капацитети, ги подобри состојбите особено при регистрацијата, евиденцијата, контролата и безбедноста на мигрантите. Притоа се водеше сметка за безбедноста на граѓаните на Република Македонија, како и за безбедноста во регионот. Како институции, треба да се отвориме уште повеќе кон сите чинители, вклучително и кон граѓанскиот сектор во насока на барање оптимални предлози, проекти и решенија кои ќе придонесат за квалитетно и систематско функционирање во поглед на миграциите“, истакна Нухиу.

На конференцијата свое искуство сподели Наим Сахаи, кој подолг период е во Македонија. Тој истакна дека неговото барање за азил било одбиено со образложение дека „претставува опасност за Република Македонија“.

„Голем број луѓе во Македонија се во сосема иста ситуација како Наим“, рече Мартина Смилевска од Македонското здружение на млади правници, нагласувајќи дека барањата за азил им се одбиени, иако претходно имале добиено статус на супсидијарна заштита.

„Ние ова прашање го сметаме за многу сериозно. Овој случај е веќе предмет на апликација при Европскиот суд за човекови права, бидејќи сметаме дека единствено ЕСЧП е вистинското место каде што можеме да се избориме за правата на лицата што се во ваква ситуација. Наим има негативно решение од Вишиот управен суд што, всушност, е последната инстанца во однос на заштита тука, во Македонија, а тоа значи дека сме ги искористиле сите правни лекови во однос на тоа прашање. Ова уште еднаш покажува дека имаме неефикасност во однос на самото одлучување од страна на управните судови во Република Македонија. Управните судови во Македонија не сметаат дека се судови за азил и одлучуваат само во однос на процедуралните прашања, иако ингеренциите на самиот Управен суд и на Вишиот управен суд може да одат по мериторно одлучување, односно по самата апликација, односно по самото барање за азил. Значи, тоа е еден проблем што го имаме во Македонија, а за кој се обидуваме да најдеме начин да го решиме“, потенцираше Смилевска.

Како актуелен се наметнува проблемот со заканите од страна на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дека секојдневно ќе пушта по околу 50 илјади бегалци кон Европа. Според невладиниот сектор кој работи на решавање на миграциските процеси, ова би било голем проблем. Тие посочуваат дека затворањето на Западнобалканската рута беше политичка одлука, па во случај пак да треба да се отвори, тоа повторно би било политичка одлука.

„Доколку се случи таков голем бегалски бран, Република Македонија реално нема капацитети да собере толку бегалци. Единствено треба да работи на тоа луѓето да бидат успешно пренесени преку нејзината територија на север, односно кон европските земји“, беше нагласено на конференцијата.  

Сега, како што беше истакнато на денешниот настан, на секого во Европа му е јасно дека унитарниот пристап и безбедноста, како на мигрантите, така и на земјите каде што тие транзитираат или им се крајни дестинации, се примарни доколку се сака  успешно справување со миграцијата.

А. Б.