/ Прочитано:

473

Усвоена Програмата за работа на Народната банка за 2022 година

Понатамошно подобрување на инфраструктурата за водење на монетарната политика, активности за натамошно јакнење на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, поттикнување на иновациите во финансискиот систем, овозможување простор за подостапни, поевтини и поефикасни платежни услуги и зајакнување на управувањето со ризиците поврзани со климатските промени и нивните влијанија врз финансискиот систем ‒ ова се дел од активностите предвидени во Програмата за работа на Народната банка за 2022 година, којашто ја усвои Советот на Народната банка.

Предвидените програмски активности се во прилог на остварувањето на стратегиските цели на Народната банка утврдени со Стратегискиот план усвоен во јуни годинава.

Заради понатамошно подобрување на инфраструктурата за водење на монетарната политика се планира проширување на портфолиото на расположливи модели, унапредување на оперативната рамка на монетарните операции, како и подобрување на аналитичката основа за следење на движењата на девизниот пазар и примена на најдобрите практики при интервентната политика на Народната банка.

Во однос на задржувањето и натамошното јакнење на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, предвидени се активности за понатамошно унапредување на севкупната супервизорска рамка, како и поголема насоченост кон ризиците од дигиталниот простор и ризиците од климатските промени и здравствената криза наметнати од надворешното окружување, како нетрадиционални ризици. Програмата предвидува и понатамошна активна работа на повеќе законски решенија за зајакнување на финансиската мрежа. Посебно внимание им е посветено на иновациите и конкурентноста во финансискиот систем, како и на обезбедувањето подобар пристап до финансии. Оттаму, имајќи ги предвид заштитата на потрошувачите и стабилноста и сигурноста на финансискиот систем во целина, во 2022 година ќе се работи на завршувањето на првата Национална стратегија за поддршка на финтек-секторот.

Народната банка, во текот на 2022 година, ќе работи и на повеќе проекти во областа на платните системи, во контекст на новите законски решенија од оваа област. Предвидени се активности за овозможување влез на нови даватели на платежни услуги и оператори на платните системи, воведување нови платни инструменти, како и воспоставување надзорна функција за новите даватели на платежни услуги (платежни институции и институции за електронски пари) и регистар на овие даватели. Во контекст на потребата за зголемување на ефикасноста во извршувањето на прекуграничните плаќања, Народната банка ќе учествува во активностите во рамките на Советот за регионална соработка за формирање заеднички регионален пазар на земјите од Западен Балкан.

Во согласност со глобалните напори за справување со климатските промени, Народната банка ќе преземе активности и за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, преку зајакнување на аналитичката рамка и управувањето со ризиците поврзани со климатските промени и нивните влијанија врз финансискиот систем. Со оглед на важноста на ова прашање, во текот на 2022 година, ќе се воспостави систем за редовно известување за „зелените“ кредити и изворите на финансирање, ќе се работи на подготовка на стрес-тестирање за финансиските ризици од климатските промени врз банките, а ќе се почне и со активности за изработка на конкретни насоки за банките за соодветно управување со ризиците од климатските промени. Воедно, Народната банка ќе работи и на испитување можности за воведување и примена на монетарен инструмент со којшто директно би се поддржала кредитната активност на домашните банки за финансирање зелени проекти и создавање посебно портфолио на зелени обврзници во рамките на управувањето со девизните резерви.

Програмата за работа за следната година вградува и низа активности за проактивен пристап во областа на финансиската едукација и инклузија, како и за унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на Народната банка. Спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија за периодот 2021 ‒ 2025 година, како и изработката на предлог-закон за финансиски омбудсман ќе бидат во центарот на вниманието во периодот што следува. Зголемувањето на транспарентноста и отчетноста во работењето на Народната банка веќе е издвоено како посебна стратегиска цел со новиот стратегиски план.  Активно ќе се работи на унапредувањето на транспарентноста и достапните информации за функциите, активностите и работењето на Народната банка, согласно со препораките на мисијата на ММФ. Оваа мисија е во рамките на оцените на централните банки за нивните практики во однос на Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, во којшто Народната банка доброволно се вклучи.

 М.В