/ Прочитано:

644

Видеобелешки за најзначајните парични изданија произведувани на територијата на современата македонска држава

Успешно се одржаа низата активности од сферата на музејската едукација, со коишто минатата недела, Народната банка го одбележа Меѓународниот ден на музеите – 18 мај, со цел да се продолжи со промоција и популаризација на нумизматичкото културно наследство и на македонската монетарна историја.

Во текот на минатата недела, Музејот на Народната банка одржа 18 интерактивни едукативни е-средби со ученици  од 3. до 9. одделение од 6 основни училишта од Општина Центар. Овие едукативни е-средби ги следеа околу 1000 основци, што дополнително укажува на успешноста на активностите, имајќи ја предвид заложбата за претставување на нумизматичкото културно наследство пред што поголем број ученици. 

 Е-средбите помеѓу кустосите, конзерваторите и учениците, овозможени и со поддршка од училиштата, вклучуваа интересни презентации и љубопитни дискусии за различни прашања поврзани со историјата на парите, нивните функции и обележја во минатото и денес и не помалку важно, за теми поврзани со стручното чување и заштита на ова културно наследство во конзерваторската лабораторија. За време на презентациите, учениците имаа можност да се запознаат и со делови од постојаната музејска поставка на Народната банка, којашто по завршувањето на пандемијата повторно ќе биде отворена за јавноста.

Едукативните активности на Музејот на Народната банка вклучија и промотивно објавување на шест видеобелешки за најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од 6. век пр. н. е., па сѐ до отоманскиот период. Видеобелешките, целосно изработени од страна на кустосите во Музејот, се достапни на официјалната веб-страница на Народната банка и на официјалните страници на социјалните мрежи, со што на широката јавност ѝ е овозможен и видеопристап до најзначајните и најексклузивните делови од нумизматичката збирка.

 Во натамошниот период, Музејот на Народната банка ќе продолжи со низа други активности во сферата на музејската едукација, наменети како за учениците, така и за повозрасната популација, остварувајќи ја својата мисија за промоција и популаризација на нумизматичкото културно наследство и на македонската монетарна историја. 

 М.В