/ Прочитано:

1.594

Академик одржа обука за инспекцискиот надзор врз работните односи и врз безбедноста и здравјето при работа

Инспекциски надзор врз работните односи и врз безбедноста и здравјето при работа со осврт на жалбената постапка против решенијата на инспекциските органи беше темата на обуката која во организација на Академик се одржа денеска.

Предавачи на обуката беа Александар Софронијоски, претседател на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка; Злате Стојановски, в. д. раководител на Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд и Слаѓана Андоновска, раководител на Секторот за инспекциски надзор од областа на безбедноста и здравјето при работа во Државниот инспекторат за труд.

Пред бројните учесници на денешната обука предавачите детално се осврнаа на прашањата за водењето ефикасна постапка пред инспекциските органи, за овластувањата на инспекциските органи и нивните одлуки, за постапката по жалба, за типичните правни ситуации и како да се  избегнат најголемите заблуди и грешки во иницијативите пред органите за инспекциски надзор врз работните односи и врз безбедноста и здравјето при работа.

Безбедноста и здравјето при работа е една од темите со која се соочуваат сите работодавачи, но и работници, без разлика на обемот на претпријатието. Обврските, но и правата кои произлегуваат од прописите за безбедноста и здравјето при работа потребно е да се почитуваат од страна на сите чинители на работниот процес подеднакво.

Во практиката, беше истакнато на обуката, работниците често поднесуваат барања за заштита на правата од работен однос. Овие барања поднесени од работниците се однесуваат на постапката за вработување, договорите за вработување, мобинг, промена на работното место, откажување на договорот за вработување, исплата на плата и надоместоци, работно време, одмори, работа на празници, ангажирање работници без договори за вработување.

Значајно прашање кое, исто така, се наметнува во практиката е и прашањето во постапувањето при вршењето на инспекцискиот надзор и учеството во второстепената постапка против решенијата на инспекциските органи.

Во таа насока, на обуката стана збор за постапувањето и одлучувањето на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка; за најчестите грешки во жалбената постапка и за нејзините специфики; за утврдувањето на материјални факти во второстепена постапка и за постапувањето во втор степен против решенија за прекршоци и како да се дојде до правично одмерување на казната.

На обуката се презентираа голем број практични примери и се даде посебен осврт на изборот на соодветни казнени мерки во работните односи и безбедноста и здравјето при работа. Обуката беше проследена со интерактивна дискусија, за која учениците потенцираат дека овозможила да се расчистат голем број дилеми.

Учесниците на обуката имаа можност да го набават Прирачникот за безбедност и здравје при работа, во издание на Академик, кој е прв од ваков вид досега во земјава и кој ја содржи севкупната важечка законска регулатива во областа на безбедноста и здравјето при работа, сумирана и на едно место.

„Ми се допадна обуката. Имаше корисни предавања и дискусија, како и појаснувања на сите дилеми со кои се соочуваме во практичното работење“ – Кристина Ставровска-Донев, „Геинг“ ДОО Скопје.

„Задоволен сум од обуката. Супер беа и предавањата и организацијата. Се говореше за мошне актуелни прашања од областа на работните односи и безбедноста и здравјето при работа“ – Ангел Змејков, Народна банка на РМ.

„Темата на обуката беше инспекциски надзор врз работните односи и врз безбедноста и здравјето при работа со осврт на жалбената постапка против решенијата на инспекциските органи и за неа говореа релевантни предавачи кои имаа одлични предавања“ – Елена Тушева, Штедилница „Можности“.

„Обуката беше корисна и добро реализирана. Предавачите темелно ги појаснија сите прашања од аспект на трудовите прописи, како и од аспект на практичното работење“ – Ана Тодоровска и Дарко Керамитчиев, „Технички гасови“ АД.

„Обуката беше супер. Стана збор за важните теми од областа на инспекцискиот надзорот во работните односи и за жалбената постапка и сето тоа беше проследено со јасни предавања и со примери од практиката“ – Кристина  Поповска-Дејанова, Еуростандард банка.

„Предавачите се фокусираа на законските решенија, но и на нивната примена. Оваа материја е обемна, и покрај објаснувањето на прописите, секако, значајно е и објаснувањето на законите од практичен аспект преку примери, преку размена на мислења и искуства, предлози итн.“ – Даница Ивановска и Ива  Јовановска, „КАМ“ ДОО.

„Се кажаа многу интересни информации на обуката. Со задоволство ги слушавме предавачите и дискусиите на колегите, кои, исто така, се важни како предавањата бидејќи примерите за проблемите од практиката најдобро можат да посочат за дилемите со кои се соочуваат и работодавачите и работниците, но и самите државни органи“ – Дијана Милошовска и Даниела Бојческа-Михајлоска, „ОСА“ ДОЕЛ Скопје.