Девојче, ве молиме два договори, од тие дебелите!
Уште не можам да се соберам што чув пред некој ден од прва рака (втората рака нели секогаш е подадена во пријателска прегратка кон странските инвеститори), демек, откако ние ги изоравме (оригинално: изоравне) пет-шесте ледини, ги оградивме со бодликава жица, ги ослободивме од даноци, ставивме темели, онадивме патишта, забивме два стапа во земјата (наша света македонска де) и меѓу стаповите монтиравме огромни црвени панделки спремни за сечење, осетиле види мајката дека ни фалат: добри правници!
Е зашто добри правници? Зашто некои правници таму, или биле адвокати, направиле предлог договори кои личеле на се само не на договори за закуп на земјиште, а некои пак други на нашите мили странски инвеститори им кажувале прикаски како на пример најсрамната: дека ако во името на фирмата немало експорт-импорт, потешко ќе прошле во царина.
Значи скраја да е смешната патна и железничка инфраструктура, недостаток на електрична енергија, непостоење на систем на јавна администрација, образование на скалило кое не може да се нарече ниту “ниво“, здравствен фонд кој од година ниту кафетин нема да може да плати, не дај боже нога ако ве заболи во повисоките предели, банки во кои на шалтери еден седи, а двајца стојат и нешто гледаат во мониторот со стаклест поглед проткаен со прашалници, планирање на простор како да планирале самоубиство, сто зилиони невработени, патарини покриени со српски весници “Политика“ од времето на Слободан Милошевиќ, ниту еден тоалет да застане странскиот турист (домашниот и онака веќе е свесен за ситуацијата и влегува во положение) ако го притегне по автопатот, продадени за ич пари огромни системи на бандити во сите дваесет години самостојност што сега ги издаваат фабриките во закуп како магацински простор по дваесет евроценти квадрат на рати братче, непроизведена една македонска маица со лого било какво (на пример СончеводоумеренооблачнО), затворени сите текстилни комплекси (сети се на маицата пред малку), гранични премини кај што стоиш по пола саат не знаеш што чекаш, задолжени по сто милиони сите големи фраери што само се сликаат по телевизии мрсејќи за се и сешто и плачејќи Владата не знам што да направи за нив, еден министер што со цел памет му објаснува на Првиот министер (скратено само: Првиот) во колку реда треба да се постават лежалките на плажите во Охрид што ќе се издадат во концесија, Ве молам ние разбравме дека во несоодветноста на правниците лежел зајакот! Супер, ајде да ја разглобиме оваа срамна ситуација со колегата правник.
Проблем било што правникот не можел да направи договор кој би бил по обем, структура и квалитет прифатлив за странскиот инвеститор. Па едвај се нашол некој друг колега веројатно адвокат кој со помош на човекот кој во приказнава е прва рака, зеле од интернет (на пример некој англиски веб сајт) некаков договор за закуп од 100 страни, оделе член по член и го прилагодиле за потребите на случајот и оттогаш нели истиот договор се користи на општо задоволство на сите други инвеститори. Супер! И едни инвеститори што прифатиле интернет договор – симбиоза!!
Си викам, па кај видел во Македонија уважениот колега правник договор од 100 страни? Да не го видел на Правен факултет? Замислете Професорот Гале Галев кога ни предаваше Облигации со глас што мора да те заспие ако си човечко суштество што не планира по предавањето да изврши атентат врз Претседателот, одеднаш да се заврти облечен во листер сако и во стилот на Џеј Лено да ни соопшти: а сега драги колеги, само за вашите очи бонус бонус бонус, договор за закуп од 100 страни по Ааааанглиско право!!! Од интернеееет! Ќе се размрдавме, ќе се растресевме и ќе се чудевме што ќе видевме: право да се биде странка, потврди за валидност на ставени потписи, потврда за добиени формални овластувања, дваесет члена потврда за сопственост на деловен простор и милион глупости на истата тема, изјави за гаранции, изјави за потврдување на факти, откажувања од одговорност, право на пристап за време на закуп, право на користење на заеднички делови од зграда, скали, ходници, право на слободни паркинг места, заштита за непречено владеење, сто милиони гаранции за дозволени градежни работи, гаранција за статика на зграда и платени авторски права на проектанти, некористење на штетни материјали (со акцент на азбест и олово) во деловниот простор, таваните (четири тавани, четири члена), подот, олуците, противпожарни излези, сигурносни одбележувања, заштита од промена на правила за куќен ред во зграда, луксажа на светла, дозволеност на децибели во пропорција со звучна изолација во ѕидови, дозволени емисии на гасови, енергетска ефикасност, гаранции за неменувањена законодавство, право на поставување реклами, антени, други уреди на надворешен дел од зграда – сто члена! Ама не-ни-рас-ка-жа Професорот Галев ништо слично. Не сетил потреба професорот, а скраја дека беше од полошите професори. Напротив! Тешко дека некој ќе те научи подобро за духот на облигационите договори. Тешко. Со тоа милозвучното гласче уште си заспивам кога ме мачи несоница или грб ме боли од работа.
Значи прво, шефчиња мили, македонскиот систем на правно образование шанса нема да те научи на еден единствен документ кој практично ќе ти треба за работа со странци. Нема да те научи ниту на многу други работи кои ти се потребни во пракса. Асистентчињата место мозок да ги боли од истражувања и трансфер на компаративни документи до оние чии родители платиле вака или онака за образованието, тие нели се знае со што се занимаваат на факултет! Па, не се смејте, ете знаете!! Но, доволно ќе те научи ако си малку од малку саглам, дека треба самиот да се потрудиш и нешто плус да научиш!
Е сега второ и поважно: кај го најдовте под милиот господ адвокатов што модел договор не видел во живот, не разбрал дека нешто плус требало да научи, па за Владата требало ваков важен документ да изготви? Стварно кај ги наоѓате, бе луѓе, во дваесет и први век да ви ставаат експорт-импорт во фирма како задолжителен елемент? Знаете кој најмува вакви стручњаци? Па само тој што ја промовира Македонија како земја на евтини ресторани, работници, музиканти и адвокати! Пардон, и тој што стварно се закачил на ова бесмислено ветување!
Секој што малку држи до себе, странец или домашен и спремил парички како што ќе спремите пари кога одите на адвокат во Тирана или во Херцег Нови или кај било северно од Лесковац, секој може да добие адвокат во Македонија кој може да спреми модел договор од пет, дваесет или сто страни, доколку адвокатот процени дека таков договор е соодветен на интересите на земјата и е фер за странскиот инвеститор. Малку македонски адвокати работеле по регионот, ги подготвиле правно најкомплексните преземања, поделби на друштва, приватизации, заеднички градби на големи комплекси? Ми текнува ме замолија едни грчки фабриканти пред десетина години да им ја контролирам адвокатката како застапува спор од милион долари во Крџали, Бугарија, џенем. Се сеќавам судницата како кино сала со плишани седишта, чекавме само да почне „Не окреќи се, сине“ синхронизиран на Бугарски (синко, спазвај си дистанцијата, обаче). Сега адвокатката е партнерка во стомилионска адвокатска фирма и често се распрашува која ни е цената за подизведувачки работи. Оти чуле дека инвест ин мацедониа нуди и евтина работна сила, па да си праша жената… Малку адвокати биле вклучени во меѓународни тимови од експерти на зделки со мултинационален карактер? Барем во моментов ми текнува на десетина друштва што работеле и ги правеле тие „дебелите договори“. Што е заедничко за сите овие, освен дека немаат достап до приликите да направат модел договори за својата држава? Па, се знае, тешко ќе се сретнат во Македонија со клиенти кои ќе ги платат чесно за нивните врвни адвокатски услуги, најмал проблем договорот од 100 страни. Клиенти кои разбираат квалитет и држат до себе, до она што треба да го претстават и завршат. Па макар клиентот бил и госпоѓа клиентка Република Македонија.
Значи, остај мајмунот со експорт-импорт во фирмата како задолжителен елемент. Колку држите до себе е прашањето…
Објавено: 31.10.2012