Вратете ја Сузана

До вторникот вечер мислев дека оваа душичка се може да поднесе: што немам клуб ни фудбалски ни кошаркарски клуб веќе за навивање, весник асален не може да се прочита со години, хрватски „Глобус“ што доаѓа со две и пол недели задоцнување ко да сме Јужен Заир, расправата во Американскиот конгрес со што боја ракети да се започне нападот во Сирија, квалитетот на осумдесет отсто пресуди, испраќањата на Субрата од Македонија во солзи секој пат…

Можам да го поднесам се разбира и особениот квалитет на нерамнините и дупките по скопските улици, „луксузните“ комплекси Паралија трет ред што го уништија Водно (сте виделе вие луксуз, на луксузот баба му сте ја виделе), фактот дека црквата се и е во ред и сега размислува забавишта да воведе, републиканското уредување на државата каде две заедници по племенско-партиски метод донесуваат одлуки дали Лиле ќе биде чистачка во Агенцијата за сенешто или Бујар ќе оди порано на одмор во Ксамил или на Крф.

Малку тешко ама ајде ќе поднесам дека Влатче ја затвори „Тоскана“ и сега италијанско ако сакам да јадам морам сам дома да си направам оти кога и да наречат нешто во „Пелистер“, „Џино“, „Воденица“, „Густо“ и сличните дека е Италијански рецепт одма читај дека најевтините шпагети ги одбрале од „Веро“, им опнале готов сос на ништо што не личи, ставиле три кила зејтин и и ги развариле до смрт. Да знае кој и да е Италијан што се „манџа“ од нивната кујна во Скопје ќе ни го затвори вечно патот во ЕУ. И во НАТО. Со три клуча и ќе ги фрли у море покрај Сардинија, кај Елизабета Каналис шо иде на сончање.

Што знам, до вторникот после вести на „Сител“ би поднел и дека Македониците се помалку и послужбено се дружат, на пикник се оди само договорено, кога апсолутно нема шанси ни случајно да заврне, со однапред купени столици од Хубо каде можеш да си го пикнеш пивото во ракохватот. Да не седнеш на трева или ќебе случајно и да не ти фати раката реума ако го држиш пивото слободно во раче, де.

Комшиите ви чукаат на врата само ако три дена домашниот миленик не ви произведува звук, да видат да не сте го задавиле или тој вас. Децата не ве поздравуваат пошто од слушалките од мобилниот не можат да ви го докучат присуството. На фудбал децата одат во специјални школи за фудбал. Каде татковците се одмараат од кладилница гледајќи го својот со сигурност иден Месут Озил. Роналдо, де, што си е Португал си е сигурно.

Фонтаната, Дорските и Јонските столбови, доилките на дело пред кои се сликаат заљубени Јужнокорејанци. Немање обична железничка пруга, автопат негибнат триесет години, наплатните рампи со старите српски весници залепени да не ги бие сонце здравите и прави наплатувачи кои во животот никому не кажале добар ден, благодарам и добар пат. Вечниот лажен стремеж кон ЕУ, вечниот спор со Грција каде годишно природно оставаме стотици милиони Евра (во Грција барем столици и маси за седење од сто Евра не мора да ги купувате од каталог), вечното божемно незадоволство на Албанците и Роми кои не признаваат цигански песни. До завчера ги можев.

Можам да замислам да плаќаме икс Евра по донесен странски турист. Односно по странска туристичка глава. На која ние им продаваме стоки и услуги од најдолен панаѓурски тип. Можам да замислам да славиме инвестиции од два милиони евра во слободни економски зони од каде македонската држава има минимален ќар. Прочитав некаде дека со еден милион фунти стан асален не можеш да купиш во Лондон. Двособен стан. Плажа на Хвар прави обрт пет милиони евра за деведесет дена работа. Плажа, ало.

Да не ги заборавиме општините кои поставуваат Гинисови рекорди. На пример во правење грав (како не им текна приквечер да соборат и стварно еден апсолутен рекорд во ослободување гравни деривати), шиење перници, правење баклава, па организирање фестивали, фестови, лендови од кој сакаш маштап. Едноставно, не можете вие да направите толку будалаштини колку ние можеме да поднесеме!

 Но, да ми ја смениш водителката на лото на „Сител“ и да ставиш лице чии димензии бараат место мини сукња да носи завеса, е тоа друже не можеме веќе да го поднесеме. Врати ни ги друже Маријана, Сузана, Бојана, Благица и сите згодни цури што воделе лото, да ни ги вратиш одма! Завеса со цветови што збори да влече добивки е како да уплаќаш ливче на билетара у тетар. Во оваа продукција не смее да има импровизација: се знае должина на хаљина, насмевка, мал фонт на зборови и сликата супер си збори за себе. Кој ти е концепт бе друже, на извлекување Лото да ставиш акцент на муабет, шо може моделот за завеси да не информира, колку тежат топчињата? Ова ли го заслуживме, после дваесет години кротко седење во ќошето и гледајќи како светот се одделува од нас како Аполо кога оди во орбитата?  Да нема една асална да влече лото, тоа требаше да не снајде?

Да не ти праиме Таксим, врати ги одма сите Сузана Манчиќ назад, шефе.


Објавено: 05.9.2013