Рaботна (не) успешност

Просечниот Македонец работи нецели 3 часа ефективно на своето работно место секој ден. Се разбира, ако има работа. Ако нема, ќе го најдете во кладилница или на ефтина обука за деловен секретар. Курс за компјутери гратис. Деловен секретар со познавање на компјутери. Супер.  Сите останати се во категоријата  “Владата да направи нешто за моето вработување“. Додека милата мајка не може да не разбуди до единасет саат сабајле.

Ова е отприлика профилот на оној што странскиот инвеститор ќе го “начека“ да му работи за ефтини пари, според неодамнешното интервју на премиерот на Си-Ен-Ен. Совршен прогнозер во кладилница, деловна секретарка со познавање на компјутерски вештини и заспани убавци и убавици. На мама. Тие што работат примаат мала плата. Мал пазар, мал обрт, мала плата.

Во платата, со Закон уредено, должни сме сакале нејќеле да имаме дел од платата што ќе ја отслика нашата работна  успешност во месецот. Основна плата, работна успешност и додатоци. Мора да имаме во белевчето што на крајот од месецот го добиваме. Да се обидеме да разбереме зошто во Македонија не се мери работната успешност. Прво, како филозофија работната успешност ништо не ни значи. Мал пазар,  мал обрт, мала плата, кого го интересира работната успешност? Второ, за да мерите работна успешност треба да поставите систем и критериуми, па стварно и да мерите и да известувате совршено и прецизно, што не е ниту едноставно и не можете да го направите со “два часа физичко и голем одмор“. На пример Министерот за здравство се обидува со докторите. Сака да го спроведе Законот каде пишува дека еден дел од платата се дава по заслуга, согласно работната успешност. Проблем му се само критериумите, мерењето, известувањето, непристрасноста. Не може да ги постави, не знае доволно. Психијатар и хирург не можеш исто да ги мериш. А тој има отприлика 400 различни типови на работни места. Додека постави систем за мерење на работна успешност за сите 400 ќе смени уште три министерски места.  Докторите, пак, не го фермаат законот, ги интересираат стекнатите права. Демек, правото на плата е еднаш засекогаш стекнато. И тоа работна успешност да си ја пикнете на едно место. Дај двојна плата па мери ме, бе шефе.

Навистина, зашто не зборуваме за двојно поголема плата? Зашто сме среќно сиромашни и со оваа! Спремни ли сме двојно, тројно да работиме, со ист жар сабајле да бидеме правници, а попладне да режеме штрафови на дребонг во гаража или да одгледуваме компири во бавча? Спремни сме? Се разбира дека не сме спремни. Запнати сме како пушка само за ломотење. Што на скопски значи ефективно ќутење. Во Република Македонија, за жал, кругот е затворен. Мал пазар, мал обрт, мала плата. Никој ниту со прст да мрдне па ова малово да порасне. Што би се рекло потентно да стане. Замислете, модерна инфраструктура, фрчат возови за 45 минути до Охрид, Ачибадем отворил болница во Крањ, Скопски пазар ги купил Делта маркетите јужно од Ниш. Кампања “Изволте комшија“. Скопски Пазар маркет Бујановац…Платата 700-750 ЕВРА. Докторите двестапеесче повеќе. Министерот успешно им го мери учинокот. Тие презадоволни, на новите дијализери финансирани од владата се топат од милина. Еднаков третман и Македонците и Косовците. И обичните и тие со врски. Последниот пациент го испраќаат групно, во хор, во количка. Мајо клиник, малку морген.

Фин си е системот, малку работи, недоволно за мерење, мала плата, врски, бонбоњери, виски.  Стекнати права. Супер.


 Објавено: 10.09.2012