/ Прочитано:

2.049

Блупринт група: Стратегијата за реформи во правосудството делумно спроведена, потребни уште многу чекори за исполнување на стратешките цели

За постигнатото и научените лекции од сегашната, како и за препораки и совети за следната Стратегија за реформа на правосудниот сектор, на 13 декември 2022 година се разговараше на конференцијата на Блупринт групата за реформа на правосудството насловена „Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022): Достигнувања, научени лекции и препораки“.

Блупринт групата за реформи во правосудството редовно го следеше спроведувањето на Стратегијата во овој временски период и активно подготвуваше анализи, извештаи и останати документи за јавни политики со кои и ги презентираше наодите од мониторингот со цел на граѓаните да им го приближи процесот на реформа на правосудниот сектор.

За досега направеното во рамките на Блупринт групата и очекувањата на граѓанските организации за реформите во правосудниот сектор зборуваа директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, како и реизбраната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска.

Првиот панел на конференцијата беше посветен на напредокот забележан во институциите кои го сочинуваат правосудниот сектор и нивните очекувања за промените со новата Стратегија.  Беше потенциран и почетокот на преговорите со ЕУ,  а како панелисти беа претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски и заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени.

Состојбата со граѓанското законодавство, научените лекции и препораките од овој сектор беше темата на вториот панел во кој се обратија судијката од Основниот граѓански суд Скопје, Антоанета Димовска, програмскиот директор на Центарот за правни истражувања и анализи, Жарко Хаџи-Зафиров и програмскиот директор на Македонското здружение на млади правници, Гоце Коцевски.

На третиот панел се отворија темите за очекуваното, постигнатото и препораки за реформи во кривичното законодавство, а на овој панел зборуваа судијката во Врховниот суд, Мирјана Лазарова, државниот советник за казнено законодавство во Министерството за правда, Никола Прокопенко, како и јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство, Елвин Вели.

Генералната оценка за спроведувањето на Стратегијата беше дека предвидените мерки се делумно спроведени, со различен степен на напредок во одделни области. Сепак, неопходно е да се нагласи дека претстојат уште многу чекори до исполнувањето на стратешките цели на државата, кои ќе бидат предвидени во следната Стратегија за реформа на правосудниот сектор.

Оваа завршна конференција беше дел од проектот „За правда – граѓански придонес за унапредување на правосудството“, кој Блупринт групата за реформи во правосудството го спроведуваше во периодот јуни – декември 2022 година, а го координираше Институтот за европска политика – Скопје.  Истиот беше финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Блупринт групата за реформи во правосудството е неформална мрежа на граѓански организации кои во изминатите години работат и делуваат во областа на правосудството. Преку досегашното следење на Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) истакна релевантна и професионална експертиза во проценка на квалитетот на предложените мерки и политики во областа на правосудството и се позиционираше како клучен чинител од граѓанскиот сектор кој учествува во реформите во овој сектор. Годишните извештаи на групата укажуваат на тренд на зголемување на вклученоста на граѓанските организации во овие процеси и сеопшто подобрување на транспарентноста и инклузивноста.

Неформалната мрежа Блупринт група за реформа на правосудството е составена од партнерските организации Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки Комитет за човекови права (МХК), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за човекови права (ИЧП), Институт за европска политика (ЕПИ), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).