/ Прочитано:

1.746

БРИТАНСКИ ИСКУСТВА ЗА ЕФИКАСНА АДМИНИСТРАЦИЈА: Државните службеници не смеат да се плашат од министрите

За ефикасна јавна администрација, потребни се непристрасност, алтруизам и интегритет. Ова е генералниот заклучок од панел-дискусијата која се одржа во Министерството за надворешни работи и на која беа споделени британските искуства за тоа како јавната администрација се менаџира со промената на владите додека продолжува испорачувањето на услугите на граѓаните.

Панел-дискусијата ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација, заедно со Британската амбасада и Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи.

Најдобар механизам за Македонија со проблемот на „заробена држава“ е независна и професионална администрација, истакна на настанот британскиот амбасадор во земјата Чарлс Гарет, додавајќи дека панел-дискусијата има за цел да покаже како јавната администрација да ги управува промените, низ кои поминала и британската администрација во случајот со Брегзит.

Во таа насока, на панел-дискусијата говореше постојаниот потсекретар на Министерството за надворешни работи на Велика Британија, Сајмон Мекдоналд, кој истакна дека на Велика Британија ѝ требало многу време за да дојде до сегашното ниво на функционирање на јавната администрација.

„Министерството за надворешни работи е основано во 1782 година. Станува збор за 325-годишна традиција на градење на свеста за работењето на јавната администрација и Македонија, земајќи ги овие искуства, може да го прескокне овој временски период и да се фокусира директно во срцето на проблемот“, истакна Мекдоналд.

Според британскиот експерт, прв клучен предизвик за ефикасна јавна администрација е транспарентноста. Државниот службеник треба да биде способен да работи за секоја влада и државните службеници треба да се тренираат за тоа. Британската администрација за изборите во 2015 година изготвила девет различни сценарија, бидејќи било неизвесно кој ќе биде исходот од изборите, а за оваа година биле изготвени две сценарија. Мекдоналд нагласи дека на тој начин вработените во јавната администрација се подготвуваат и се тренираат при евентуалната промена на власта.

„Државните службеници не смеат да се плашат од своите министри, треба да се носат со нивната моќ, тоа е есенцијално. Ако на министрите не им кажете што треба да прават, министрите нема да можат да носат добри одлуки. Алтруизмот, исто така, е мошне важна особина за државниот службеник. Ова е поврзано со идејата дека работите за граѓаните, не работите за себе, за вашето семејство, мора да ѝ служите на јавноста. Важен е и интегритетот. Државниот службеник не смее да бидете криминалец, измамник, односно не смее да биде корумпиран и треба да покаже интегритет. Ова не значи дека само светците можат да бидат државни службеници, луѓето се несовршени, но треба да се стремиме кон тие особини, да се има тој професионален интегритет“, истакна Мекдоналд.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека главен предизвик со кој се соочува администрацијата  во моментов е како да се премине од една политика кон друга.  Нашата нова политика, истакна Манчевски, треба да ги донесе долгоочекуваните промени. Ова Министерство е предводник во реформите и реорганизирањето на јавната администрација. Целта е ефикасна, реорганизирана и дигитализирана јавна администрација.

„Исто така, главен предизвик е да се обезбеди непреченост на процесите во државата.  Граѓанскиот и бизнис секторот мора да продолжат непречено да ги добиваат услугите, и покрај ваквите промени на политиките. Се разбира, тие предизвици директно се поврзани со државните службеници. Нивната професионалност налага лојалност кон институцијата и кон политиките, кои ги води државата, но пред сè, лојалноста е кон државата, а не кон партијата. Тоа нема да го толерираме и тоа време заврши“, нагласи Манчевски.

М.В