/ Прочитано:

1.214

ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР: Се поедноставува и поевтинува учеството на компаниите во постапките за јавни набавки

Оваа нова услуга овозможува значително олеснување на учеството на компаниите во постапките за јавни набавки, зголемување на интегритетот и зајакнување на транспарентноста на процесот. Бирото за јавни набавки и Централниот регистар се поврзуваат преку веб-сервиси, при што гарантираат за безбедноста на самиот процес и за валидноста на новиот документ во електронска форма, кој автоматски ќе се ажурира.

Централен регистар

Централниот регистар на Република Македонија и Бирото за јавни набавки денес овозможија нова услуга преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), која на компаниите ќе им заштеди време и средства, а истовремено ќе ја зајакне и правната сигурност во постапките за јавни набавки.

Проектот „Тендерско досие”, кој двете институции го реализираа во изминатиот период, а е дел од програмата на Владата на Република Македонија 2014 – 2018 година, им овозможува на компаниите да ги набават потребните документи што ги издава Централниот регистар за учество во постапките за јавни набавки со електронска нарачка преку ЕСЈН. Наместо, како што беше досега, економските оператори да ги обезбедуваат потребните документи за докажување на личната, професионалната и економската способност од Централниот регистар преку нарачка на секој документ поединечно и сами да ги прикачуваат на ЕСЈН, тие ќе имаат пристап до овие документи со самата регистрација на ЕСЈН.

Централниот регистар оформи неколку пакети на документи, со можност за нивно автоматско обновување во рок од 1 (една) година, чија цена е пониска од редовната цена за нарачка на секој документ поединечно за околу 15 отсто.

Оваа нова услуга овозможува значително олеснување на учеството на компаниите во постапките за јавни набавки, зголемување на интегритетот и зајакнување на транспарентноста на процесот. Бирото за јавни набавки и Централниот регистар се поврзуваат преку веб-сервиси, при што гарантираат за безбедноста на самиот процес и за валидноста на новиот документ во електронска форма, кој автоматски ќе се ажурира.

За економските оператори, целиот процес на подготовка на понудите ќе биде значително олеснет во поглед на прибирањето на придружната документација, која треба да се поднесе заедно со понудата, во согласност со Законот за јавни набавки. Добрата соработката меѓу двете институции ќе продолжи и во иднина со цел да се олесни пристапот на деловната заедница до пазарот на јавни набавки во Република Македонија.