/ Прочитано:

2.096

Дивите копачи го загрозуваат македонското културно наследство

„Илегалните трагачи по богатства најмногу се насочени кон археолошките локалитети со населбински карактер, каде што со помош на детекторите за метал ископуваат движни предмети (монети, предмети од домаќинство и орудија). Примамлива цел им се особено древните некрополи, каде што од гробовите го одземаат инвентарот-прилозите за покојникот. Донекаде релативно смирува, ако воопшто може така да се рече, што трагачите биле ограничени на површинските ископувања, при што не задирале подлабоко во долните сè уште неистражени културни хоризонти, што значи дека досега бил оштетен само површинскиот слој од археолошките локалитети“, вели Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Еден од најголемите проблеми во врска со заштитата на културното наследство се дивите копачи кои на нелегален начин вршат ископување на артефакти од нашето културно наследство. Нивниот интерес е најмногу насочен кон археолошките локалитети, некрополи со богати наоди. Особено примамливи за нив се златните монети и украси, како на пример: обетки, ѓердани, бразлетни итн.

Еден дел од тоа што е ископано завршува во приватни колекции на лица во земјава, а дел се пренесува преку граница и се продава на црно. На тој начин, штетата што се нанесува е повеќекратна, така што покрај нелегалното стекнување имотна корист и физичко отуѓување на предметот, уште поголема е штетата која му се нанесува на националното богатство на Република Македонија.

Според Донка Барџиева-Трајковска, претседател на Центарот за културно наследство, во последниве неколку години овие недозволиви активности се делумно стивнати, но ситуацијата на ова поле е сè уште далеку од посакуваната. Оттука, како приоритетна таа ја посочува потребата од донесување на нов Закон за заштита на културното наследство со кој би се реформирал целиот систем на заштита.

„Очекувам со реформите во оваа област стриктно да се поделат надлежностите на институциите на управни и стручни, како и обезбедување механизми за нивна професионализација. Потребна е целосна реорганизација на системот на заштита на културното наследство, на која треба да ѝ претходи ревизија на состојбите во институциите од законски аспект, бидејќи имаме целосно мешање на надлежностите“, вели Барџиева.

Според неа, прва за ревизија треба да биде работата на  Управата за заштита на културното наследство, која, како што вели, не ја постигнала основната цел на нејзиното функционирање.

Заштитата на културното наследство, особено инкриминираните дејствија, се предвидуваат во Кривичниот законик како кривични дела во глава 24 (членови 264-267), но заштитата на културното наследство во Република Македонија се регулира и со други закони и подзаконски акти. Така, со Законот за заштита на културното наследство, покрај другото, се уредуваат и начините на ставање под заштита и на другите инструменти за заштита на културното наследство, режимот на заштита и користењето на културното наследство и надзорот како безбедносни аспекти во сферата на заштитата на културното наследство. Во член 2 од Законот се дефинира и поимот културно наследство „како материјални и нематеријални добра, кои, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и поради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим во согласност со овој и друг закон“.

Според Jован Ристов, првиот директор на Управата за заштита на културното наследство, прашањето околу заштитата на културното наследство од нормативно- правен аспект е солидно регулирано и тоа според меѓународни стандарди и обврски кои нашата држава ги презела со ратификација на меѓународни договори, особено оние во рамките на УНЕСКО и на Советот на Европа.

„Имплементацијата е сериозен проблем и во врска со ова, никој во изминатите 14 години не се почувствува одговорен нешто да направи“, вели Ристов.

Според него, уште со донесувањето на Законот за заштита на културното наследство во 2004 година, предвидени се и обврски на надлежните институции и органи, но тие никогаш целосно  не се реализирале.

„Така на пример, според овој закон, Собранието и Владата имаат обврска да донесат национална стратегија за заштита на културното наследство. До денеска таа не е донесена. Исто така, Владата има обврска да донесе национален  акционен план за криминалитет против културното наследство. Ни тој план не е донесен. Со законот е предвидено и конзерваторските  центри  да  изработат специјални планови за безбедносна заштита на културното наследство. За да бидат тие изготвени, потребно е државата преку Управата за заштита на културното наследство да направи елаборат за безбедносната проценка (ризици, опасности, можност за крадење, ископување), а потоа Министерството за култура да ги одобри. За жал, ни оваа обврска не е исполнета“, вели Ристов.

Според сегашниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Виктор ЛилчиќАдамс, најважно е доследното спроведување на законот. Во таа насока, тој ги посочува надлежностите и обврските на институцијата со која тој раководи. Во нејзини рамки има Сектор за превентивна заштита и инспекциски надзор чии инспектори во согласност со своите ингеренции реагираат по секоја пријава на правно или физичко лице во однос на случаи кога станува збор за какво било оштетување на културното наследство. По извршениот теренски увид, тие изготвуваат записник и го доставуваат до установата која е надлежна за регионот каде што се случило оштетувањето и до МВР, односно до Одделението   за недозволена трговија и криминал. Во акциите кога единицата на МВР затекнува движни наоди, поради потреба од нивна идентификација, таа се обраќа до Управата за заштита на културното наследство и до установите надлежни за заштита на движното културно наследство, односно до музеите. Потоа музејските установи вршат стручна идентификација на движните наоди. Во случаите кога судот доставува барање за стручна идентификација до Управата, во смисла на утврдување дали предметите се културно наследство, Управата врз основа на извршена стручна идентификација од установите го доставува извештајот за констатираната состојба до судот.

Според Лилчиќ-Адамс, практиката покажува дека објектите (архитектурата) како дел од недвижното културно наследство поретко се цел на оштетувања, со делумен исклучок на камената архитектонска пластика.

„Илегалните трагачи по богатства најмногу се насочени кон археолошките локалитети со населбински карактер, каде што со помош на детекторите за метал ископуваат движни предмети (монети, предмети од домаќинство и орудија). Примамлива цел им се особено древните некрополи, каде што од гробовите го одземаат инвентарот-прилозите за покојникот. Донекаде релативно смирува, ако воопшто може така да се рече, што трагачите биле ограничени на површинските ископувања, при што не задирале подлабоко во долните сè уште неистражени културни хоризонти, што значи дека досега бил оштетен само површинскиот слој од археолошките локалитети“, вели Лилчиќ-Адамс.

Според него, што се однесува до заштитата, важно е и да се поработи на подигањето на свеста на локалното население, особено она во непосредна близина на позначајните археолошки локалитети, бидејќи токму овие луѓе се првите што треба да реагираат во одбрана на локалитетите од илегални дејствија.

Најголемите судења за илегални ископувања и трговија со артефакти  кои   во последнава деценија предизвикаа голем интерес во јавноста беа „Фаланга 1“ и „Фаланга 2“. Во двата предметa им се судеше на (вкупно) 40-ина за кои Обвинителството докажуваше дека организирано од археолошките наоѓалишта краделе (ископувале) археолошки предмети кои се  културно наследство и потоа ги продавале во земјава и странство. Одговараа и директори и раководители на институции. Во првата „Фаланга“ („Фаланга1“) директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, беше сведок, но во „Фаланга 2“ тој седна меѓу обвинетите, а Кривичниот суд му пресуди 3 години затвор.

Неколку случаи на диво копање во последно време се регистрирани во Штипско- овчеполскиот Регион. Пред една година, четворица диви копачи добија по 3 години затвор откако биле фатени како бараат злато околу верскиот објект кој за христијаните од Штип е познат како црквата Свети Илија, а за муслиманите како Хусамедин-пашина џамија.

Казните предвидени со Кривичниот законик се следни: според член 264 (став 1): „Тој што ќе оштети или уништи добро под привремена заштита или културно наследство или природна реткост, ќе се казни со парична казна или затвор од шест месеца до три години“. Во став 2 од истиот член стои: „Тој што без дозвола на надлежен орган ќе изврши конзерваторски или реставраторски работи или без дозвола или спротивно на забраната врши археолошки ископувања или истражувања или други истражувачки работи на добра под привремена заштита или културно наследство или природна реткост, па поради тоа тие се тешко оштетени или ќе го загубат својството, ќе се казни со затвор од една до пет години“.

А. Б.