Финансиската полиција во „МОСТ“
Управата за финансиска полиција вели дека по добиена пријава за сомнителни трансакции од банкарските сметки на невладината организација „МОСТ“ и други блиски субјекти, во рамките на своите надлежности уредени со Законот за финансиската полиција, побарала од сметководството на споменатата невладина организација податоци за основот за сомнителни сметки на физички лица во државите Либан, Јордан, Киргистан, Албанија, Тунис и во Окупирана Палестинска Територија.
Невладината организација „МОСТ“ одбива секаква соработка со овластените службени лица, велат од Финансиската полиција во врска со нивното барање за увид во документацијата на оваа невладина организација. Нема ништо незаконско во нашето долгогодишно работење, вели извршниот директор на „МОСТ“, Дарко Алексов.
Управата за финансиска полиција вели дека по добиена пријава за сомнителни трансакции од банкарските сметки на невладината организација „МОСТ“ и други блиски субјекти, во рамките на своите надлежности уредени со Законот за финансиската полиција, побарала од сметководството на споменатата невладина организација податоци за основот за сомнителни сметки на физички лица во државите Либан, Јордан, Киргистан, Албанија, Тунис и во Окупирана Палестинска Територија.
„И покрај максимално коректниот однос од страна на инспекторите од Управата за финансиска полиција и доставената замолница да им бидат обезбедени на увид правните основи за извршените трансфери на поголемите суми на девизи на државјани со сомнително потекло, од страна на првиот човек на невладината организација е одговорено дека не е во можност да им ги достави на увид овие документи од засега за нас непознати причини“, велат од Финансиската полиција.
Искрено, како Финансиска полиција, сме затечени од ваквиот пристап на невладината организација и сѐ уште е нејасно од кои причини не ни се овозможува увид во документацијата за трансферите на стотици илјади евра и долари на сомнителни сметки во држави од Блискиот Исток, се вели во соопштението на Финансиската полиција.
Од Управата за финансиска полиција велат дека сè уште не се во можност да прејудицираат дали има или нема незаконито постапување во конкретниот случај бидејќи им бил оневозможен увидот во бараната документација.
Финансиската полиција предупредува дека доколку во најкраток рок не им биде овозможен увид на инспекторите во книговодството на организацијата, ќе мораат да ги применат инструментите што ги предвидува Законот за кривична постапка.
Дарко Алексов, извршен директор на „МОСТ“ денеска потврди дека Финансиската полиција била во нивната организација и побарала увид во документацијата.
Инспекторите им оставиле простор од неколку дена да ја обезбедат потребната документација, по што ќе ги посетат повторно.
„Имавме многу конструктивен и коректен разговор со инспекторите од Финансиската полиција. Тие беа прецизни во нивните барања околу документацијата што сакаа да ја добијат. Ни дадоа неколку дена за да ги подготвиме потребните документи за да можат да ги прегледаат“, рече Алексов, додавајќи дека нема ништо незаконско во нивното долгогодишно работење.