/ Прочитано:

792

Годишен извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност 

Годината 2019 беше исполнета со многу предизвици во нашето работење, чие прифаќање и решавање придонесе за постигнување на финансиска стабилност, поголема транспарентност и заштита на инвеститорите, зголемена ликвидност и учество на поголем број инвеститори на пазарот на капитал, се вели во Извештајот на Комисијата за хартии од вредност, кој се наоѓа на разгледување пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

„Државата влезе во втората фаза на процесот на стабилизација и асоцијација со Европската Унија, се либерализира опцијата домашните физички и правни лица слободно да тргуваат на странски пазари и да вложуваат во хартии од вредност во странство, се зголемија инвестициските можности и се создадоа предуслови за поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски текови. Комисијата ги создаде сите регулаторни предуслови за успешно спроведување на втората фаза на процесот преку донесување на посебни подзаконски акти кои детално ја уредуваат целата постапка на инвестирање во странство, а оттаму и за известување од страна на овластените учесници за вложувањата.

Во делот на легислативата се изменија и дополнија повеќе подзаконски акти со кои се изврши усогласување со измените и дополнувањата на законите од надлежност на Комисијата (Закон за хартии од вредност, Закон за инвестициски фондови и Закон за преземање на акционерските друштва), но и на останатите закони, како Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам и Законот за прекршоците. Заради имплементација на уставните измени, одредбите од измените на Законот за хартии од вредност и на Законот за употреба на јазици, се измени и се дополни Статутот на Комисијата, со кој се уредува функционирањето и управувањето со институцијата. На тој начин, Комисијата стана една од првите институции во државата која ги имплементираше сите уставни и законски измени во својот највисок акт, со што уште еднаш ја покажа цврстата подготвеност за силно чекорење кон евроатлантската интеграција на земјава. Во насока на целосна примена на Законот за заштита на личните податоци, се донесоа низа интерни акти и одлуки, со што се постигна висок степен на имплементација на одредбите од законската регулатива за заштита на личните податоци и се обезбеди целосна усогласеност на Комисијата со правилата во оваа сензитивна област.

Процесот на усогласување со ЕУ acquis се очекува да заврши наредната година кога ќе дојде и до целосна имплементација на релевантните ЕУ директиви на пазарот на капитал и со тоа отворање на пазарот за нови учесници и привлекување на потенцијални инвеститори. Од аспект на примарниот пазар, можеме да истакнеме дека 2019 година е успешна година, имајќи предвид дека вредноста на издадени акции е за 27,74% поголема во споредба со 2018 година.

Дополнително, како резултат на ангажманот и активностите на Комисијата, постоеше голема диференцијација на финансиските производи кои се понудија на инвеститорите, при што дојде до издавање на неколку корпоративни обврзници, како и посебен вид – перпетуална обврзница, со што пазарот на капитал се збогати со нов инструмент кој треба да придонесе за понатамошен раст и развој. Значајно е да се истакне дека во 2019 година, две акционерски друштва од стопанството издадоа нови акции по пат на иницијална јавна понуда, со што се потврди ангажманот на Комисијата за промоција на пазарот како место за собирање на свеж капитал. Дополнителен импулс во насока на привлекување на странски инвеститори е преземањето на една од четирите големи банки во државата, со што се покажа дека интересот кај странските инвеститори за компаниите од Република Северна Македонија сè уште е на високо ниво. Стабилизацијата на пазарот на капитал во 2019 година, резултат на севкупните општествени случувања, како и подобрените економски перформанси на самите компании, сето тоа придонесе да имаме зголемување на вкупната пазарна капитализација за 14,44% во однос на 2018 година, односно зголемување на вреднувањето на компаниите изразено преку нивна поголема капитализација, коешто во наредниот период треба позитивно да влијае врз интересот за вложување во тие друштва.

Значајно е и зголемувањето на нето-вредноста на инвестициските фондови во 2019 година за околу 36,5% во однос на 2018 година, што претставува сигнал дека потенцијалните инвеститори се подготвени да ги доверат своите средства на управување на професионалци, кои на најцелисходен начин знаат да ги мултиплицираат нивните средства. Супервизорските активности беа насочени кон активен надзор над целосната примена на новите одредби од Законот за преземање на акционерските друштва кои стапија во сила на почетокот на годината, како и подзаконските акти за заедничко дејствување, со кои се операционализираа измените и дополнувањата на законот и се воспоставија јасни и точни критериуми за утврдување на дејствувањето помеѓу физичките и правните лица во акционерските друштва. При супервизијата над овластените пазарни учесници, Комисијата особено стави акцент на примената на Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам со цел утврдување на вистинските сопственици кои активно учествуваат на пазарот на капитал и реализираат купопродажни трансакции“, се вели во Извештајот на Комисијата за хартии од вредност, кој може да се преземе на следниот линк.

М.В