/Прочитано:

334

ХК: Бараме одговорност за крајната небрежност на институциите во кратовскиот случај

„По објавеното сведоштво за непостапување на институциите при спасување човечки живот на непристапен терен, Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до Општината Кратово и до Дирекцијата за спасување и заштита, со барање за информации за тоа кои дејствија ги презеле откако биле известени за несреќниот настан. Случајот со јавноста го сподели лекарот Павле Зафиров, кој обидувајќи се да спаси човек со здравствен проблем, во завеано планинско место во близина на Кратово, не добил помош од ниедна институција до која се обратил. По неуспешните обиди да добијат помош од надлежните општински власти, Зафиров, медицинскиот техничар и роднините на лицето биле приморани сами да го пренесат до најблиската здравствена установа, по петчасовно движење низ екстремно стрмен и завеан предел.

Комитетот испрати и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа поради тоа што општината не ги презела сите дејствија за кои е надлежна во согласност со Законот за заштита и спасување. Доколку контактираните институции навистина немале можност сами да спроведат акција за спасување на лицето, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, како што одредува членот 35 од овој закон.

Хелсиншкиот комитет инсистира на брзо расчистување на овој случај и бара одговорност од сите надлежни поединци и институции кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација. Ваквиот неетички и противзаконски однос манифестира екстремна небрежност и кон лицето во тешка здравствена состојба, но и кон здравствените работници и другите лица кои учествувале во неговото спасување“, соопштуваат од Комитетот.

М.В