/ Прочитано:

2.384

Институтот за човекови права со активности за подобро разбирање на заштитата од дискриминација

 

Во согласност со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој е во завршна законодавна процедура, помеѓу другите пропишани меѓународни принципи, сексуалната ориентација и родовиот идентитет за прв пат експлицитно се наведени како основи за дискриминација, велат од Институтот за човекови права.

Во врска со законските новини, додаваат од Институтот, потребно е воспоставување конкретна позитивна пракса во случаи на дискриминација врз овие основи, но и дополнителна едукација за адвокатите, адвокатските стручни соработници, правните советници и правните соработници.

Во таа насока, Институтот за човекови права го спроведува проектот „Заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, финансиран од Германската амбасада.

Со овој проект Институтот за човекови права има цел да иницира акција за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и нејзино (јасно и правилно) препознавање од страна на националните и локалните власти, правните професионалци и македонските граѓани. Истовремено, проектот има цел да ја промовира толеранцијата кон припадниците  на ЛГБТКИ-заедницата и да ја покрене свеста за многубројните начини на кои тие се маргинализирани и дискриминирани.

Како дел од овие активности, Институтот за човекови права (ИЧП) ги повикува сите заинтересирани професионалци од областа на правото кои се заинтересирани за подобро разбирање на националната правна рамка и нејзина имплементација во полето на заштита од дискриминација, како и на меѓународните стандарди и судската праска на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), да се пријават на дводневен едукативен настан посветен на заштитата од дискриминација.

Настанот има цел на правните професионалци и практичари да им ги доближи одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и да им овозможи подобро разбирање на националната и меѓународната правна рамка и нејзината имплементација во пракса. Деталите за обуката на следниот линк.