/ Прочитано:

2.290

Измени во Правилникот за здравствените прегледи на хрватските возачи во согласност со новата ЕУ-регулатива

Се менуваат критериумите бидејќи претходната директива веќе не ги зема предвид најновите сознанија за срцевите болести и крвните садови, како и најновите сознанија за дијабетесот. Новата директива опфаќа повеќе од 20 кардиоваскуларни состојби кај возачите кај кои возачката дозвола може да се издаде или пак да се продолжи, под услов состојбата ефективно да се третира, како и тоа дека лицето е под редовен медицински надзор. Но, со новата директива се опфатени и уште десетина здравствени состојби поради кои возачка дозвола не смее да се издаде или пак да се продолжи. Со новите критериуми се зголемува сигурноста во сообраќајот. Идејата не е да се одзема возачката дозвола на граѓаните беспотребно.

До 1 јануари 2018 година, Хрватска ќе мора актуелниот Правилник за здравствените прегледи на возачите и кандидатите за возачи да го измени во согласност со одредбите на новата европска Директива за возачки дозволи кои се однесуваат на кардиоваскуларните болести и дијабетесот. Претседателката на Хрватското здружение за медицина на трудот, д-р Азра Хуршидиќ-Радуловиќ, вели дека во текот на оваа недела измените би требало да се најдат на јавна расправа, а потоа ќе се разгледуваат евентуалните забелешки.

„Се менуваат критериумите бидејќи претходната директива веќе не ги зема предвид најновите сознанија за срцевите болести и крвните садови, како и најновите сознанија за дијабетесот. Мора да нагласам дека критериумите за срцевите болни се битно променети, додека за непрофесионалните возачи со дијабетес се малку пофлексибилни. Намерата на хрватската Влада сосема ја разбира, особено поради фактот што населението е сè постаро, а бројот на дијабетичари е сè поголем“, истакнува д-р Хуршидиќ-Радуловиќ.

Со оглед на фактот дека хрватскиот Закон за безбедност во сообраќајот не предвидува задолжителни лекарски прегледи кај возачите (во согласност со  нивната возраст), д-р Хуршидиќ-Радуловиќ појаснува дека за здравствената состојба на секој возач-пациент ќе мора да известува избраниот матичен лекар.

„Доколку на лекарски преглед се утврди дека возачот, односно пациентот има какво било заболување или инвалидност поради кое веќе не е способен безбедно да управува со моторно возило, лекарот којшто го извршил прегледот е должен за тоа да го информира пациентот, но исто така е должен да ја информира и полициската управа. Понатаму, полицијата го информира возачот дека мора да направи вонреден здравствен преглед кај доктор, специјалист по медицина на трудот. Досега, редовни здравствени прегледи за возачите се предвидени од-65-годишна возраст па нагоре“, појаснува д-р Хуршидиќ-Радуловиќ.

Новата директива опфаќа повеќе од 20 кардиоваскуларни состојби кај возачите кај кои возачката дозвола може да се издаде или пак да се продолжи, под услов состојбата ефективно да се третира, како и тоа дека лицето е под редовен медицински надзор. Но, со новата директива се опфатени и уште десетина здравствени состојби поради кои возачка дозвола не смее да се издаде или пак да се продолжи. За секоја од овие состојби има детално објаснување на кое ниво на способност возењето се ограничува, а на кое се укинува и тоа посебно за професионалните возачи, посебно за непрофесионалните. Според проф. д-р Хрвоје Пинатиќ, голема придобивка во новиот Правилник е тоа што се обрнува големо внимание на високиот крвен притисок кај возачите. Тој појаснува дека за професионалните возачи, горната граница на крвниот притисок е 155 со 95, додека за непрофесионалните 180 со 110.

Што се однесува пак до хипогликемијата, односно дијабетесот, причина за да не се издаде возачка дозвола или пак да не се продолжи е повторувањето на хипогликемијата. Возачка дозвола не се издава, ниту пак се продолжува при повторување на хипогликемијата во будна состојба, особено ако не се изминати најмалку три месеци од последниот напад.

Според дијабетологот д-р Драгица Солдо Јуреша, едуцираните возачи многу подобро ја контролираат својата болест. Таа смета дека секој дијабетичар пред да влезе во возилото што тој го управува би требало да си го измери шеќерот, а за безбедно управување, како што вели таа, вредноста би требало да изнесува околу 7.

„Измените во Правилникот се со цел да се поттикнуваат возачите, односно пациентите да се грижат за своето здравје. Со новите критериуми се зголемува сигурноста во сообраќајот. Идејата не е да се одзема возачката дозвола на граѓаните беспотребно“, појаснуваат хрватските лекари.

Во Република Македонија, издавањето и продолжувањето на возачката дозвола се регулирани со Правилникот за здравствените критериуми што задолжително треба да ги исполнуваат кандидатите за возачи на моторни возила.

Во член 1 со овој Правилник се пропишуваат здравствените критериуми што задолжително треба да ги исполнуваат кандидатите за возачи и возачите на моторни возила. Во согласност со член 2 од овој Правилник, здравствените критериуми се утврдуваат според видот и степенот на здравствената и психофизичката способност (болести, повреди или состојби), како и според категоријата на моторното возило со кое кандидатот за возач и возачот ќе управуваат, односно управуваат.

Што се однесува, пак, до болестите на срцето и крвните садови, во член 3 од Правилникот за здравствените критериуми се опфатени следниве состојби:

1) Вродени или стекнати срцеви мани (валвуларни болести ) со ежекциона фракција помала од 60%.
2) Сите болести на кардиоваскуларниот систем што бараат континуирана антикоагулантна терапија (апсолутна аритмија и др.);
3) Прележан инфаркт на миокардот – во текот на првите 6 месеци и во случаите со ежекциона фракција помала од 60%;
4) Болести на миокардот (миокардити, миокардиопатии со ежекциона фракција помала од 60%;
5) Пореметување на спроводливоста на срцето (атриовентрикуларен блок од II и III степен, блок на лева гранка);
6) Имплантиран пејсмејкер;
7) Болести на перикардот (констриктивен перикардит) со ежекциона фракција помала од 60% и
8) Артериска хипертензија со вредности на крвниот притисок повисоки од 160/100мм/Hg и покрај редовнa терапија и со знаци на висцеларизација (очно дно, срце, бубрег);

Уверението за здравствена и психофизичка способност на кандидатот за возач, во времето на оспособување со моторно возило, при полагање на возачки испит, кога се поднесува барање за издавање на возачка дозвола за прв пат, како и кога се врши заверка на нова категорија во возачката дозвола, не смее да биде постаро од 18 месеца.

На контролен здравствен преглед задолжително подлежи:
– возач кој управува со моторно возило со кое се врши јавен превоз, во временски интервали што не можат да бидат подолги од три години;
– возач на кого му е издадена возачка дозвола за управување со моторни возила од категориите „Ц“, „Ц1“, „ЦЕ“, „Ц1Е“, „Д“, „Д1“, „ДЕ“, „Д1Е“ и „Т“ пред секое продолжување на важноста на возачката дозвола;
– возач на моторно возило на кого му е издадена дозвола со пократок рок на важност поради здравствената состојба;
– возач на моторно возило кој наполнил 65 години возраст, во временски интервали кои не можат да бидат подолги од три години и
– возач-инструктор пред секое продолжување на важноста на дозволата за возач-инструктор.

А. Б.