Конференција „Превенција на криминалитетот преку казнено право и безбедносни науки“ и натпревар по симулирано судење
Традиционално и оваа година во Дубровник се одржува 12. конференција во организација на Правниот факултет Загреб и Интеруниверзитетскиот центар Дубровник на тема „Казнено право, религија и безбедност“.
Во рамките на конференцијата се одржува и натпреварот по симулирано судење за земјите од Западен Балкан. Република Северна Македонија оваа година е претставена од вкупно 7 учесници, меѓу кои и јавната обвинителка Фатиме Фетаи, која има презентација на практичните искуства во кривичниот прогон за дела од омраза.
Оваа година листата на предавачи, покрај регионални и европски предавачи, вклучува и американски експерти кои зборуваат за аспектите на развиток на казненото право, од религиски санкции до модерни казненоправни системи кои како објект за заштита ги имаат човековите права и гаранции за фер и правично судење.
Конференцијата започна со поздравното обраќање на доц. д-р Александар Маршавелски, директор на курсот, и со презентација на случајот за симулираното судење од страна на доц. д-р Александар Маршавелски, м-р Андреј Божиновски, извршен координатор на курсот и м-р Милан Бајиќ, виш советник во Врховниот касациониот суд во Белград. Досегашни презентации имаа проф. д-р Вања Иван Савиќ од Правниот факултет во Загреб, проф. д-р Вилијам Кол Дурам и проф. д-р Брет Г. Шарфс од Универзитетот „Бригам Јанг“ САД.
Нивните теми на презентација се однесуваа на човековото достоинство, казненото право, богохулијата и портретирање на предавството, во согласност со религиските норми и нормите на модерното казнено право. По завршувањето на нивното предавање, студентите и младите истражувачи пристапија кон дискусија.
По завршувањето на дискусијата, д-р Александар Мaршавелски, м-р Милан Бајиќ и м-р Андреј Божиновски официјално го презентираа предметот на симулирано судење пред присутните студенти и официјално ги поканија да земат учество во еден од тимовите предвидени за натпреварот.
М.В