/ Прочитано:

1.707

Изводи од матичната книга на родени

Основните лични податоци на граѓаните на Република Северна Македонија се запишуваат во  книгите за матична евиденција. Во матичните книги на родени, венчани или умрени се запишува податокот за раѓање, за склучување на брак и за смрт, како и други промени во граѓанскиот статус на секој поединец. Овие факти служат за понатамошно остварување на здравствени, социјални, општествени права, како и за правни потреби на граѓаните.

Во изводот од матичната книга на родени се запишува фактот на раѓање на секое дете. Изводот од матичната книга на родени за новороденчето се добива со поднесување на следните документи: барање, копија од изводот од книгата на венчани на родителите и нивни лични карти. За запишување на детето во матичната книга на родени и за добивање на првиот извод, потребно е родителот лично да присуствува во матичната канцеларија, а понатаму за секој следен извод од книгата на родени родителот може да аплицира електронски на страницата на Управата за водење на матичните книги. Родителите може да аплицираат за извод за детето додека тоа наврши 18 години. Со стекнување на полнолетството тоа го прави само.

Рокот за запишување на детето во матичната книга на родени е 30 дена од раѓањето. Доколку запишувањето не се направи поради некои причини во наведениот рок, раѓањето на детето се запишува со решение од поведена управна постапка за дополнителен упис во матичната книга на родени. Родителите, покрај веќе наведените документи, треба да достават и одредени докази кои ќе им ги посочи матичарот.

Доколку се работи за дете родено надвор од брак, го пријавува само мајката, со нејзин извод од книгата на родени и со лична карта, во истиот рок, односно 30 дена од раѓањето на детето. Таткото на детето родено надвор од брак ако сака да го признае детето за свое, заедно со партнерката кога таа го пријавува раѓањето на детето, потпишува изјава за признавање на детето, под која согласност дава и мајката. Ова се прави во истиот момент, лично во матичната канцеларија.

Ако родителите во иднина склучат брак, доаѓа до озаконување на детето. И со изјавата за признавање и со фактот на озаконување детето во изводот на родени има запишано татко.

Македонските граѓани кои живеат и работат во странство и чии деца се родиле надвор од границите на Република Северна Македонија треба да ги запишат децата во македонските матични книги на родени. Доколку детето е малолетно, при првото доаѓање во Македонија, родителите за упис во матичната книга на родени треба да приложат: оригинален извод на родени од државата каде што е родено детето, не постар од 6 месеци, копија од венчаница, како и копии од пасошите. Странскиот извод треба да биде преведен и заверен на нотар. Детето родено во странство се запишува во она матично подрачје каде што родителите имале последно живеалиште во државата пред да отидат во странство.

Дете родено во странство кое има еден македонски родител и еден странски родител може да се запише во матичната евиденција во Македонија. Покрај наведените документи и процедури, се доставува и оригинал изјава од родителот странец  дека дава согласност детето да се запише во македонската матична евиденција. Оваа согласност се преведува и се заверува на нотар.

Запишувањето на децата родени во странство од македонски државјани, како и од македонски и странски државјанин може да се направи и преку амбасадите и дипломатско-конзуларните претставништва на РСМ во светот. Постапката е иста, но разликата е во тоа што родителите не мора да доаѓаат во татковината за да го запишат детето. Тоа по службена должност го прават вработените во македонските амбасади и конзулати. Без оглед каде се вади изводот од родени, во државата или во странство, за прв пат или вообичаено за одредени потреби, се плаќа соодветен надоместок за образецот и административна такса.

Адвокатите, нотарите и извршителите во државата кои водат одредени постапки за своите клиенти, може по службена должност за обезбедат изводи од родени за истите. Тие со службен допис се обраќаат до Управата за водење на матичните книги и треба да приложат доказ за  платена такса и образец за изводот, како и копија од актот кој укажува на правниот интерес поради кој треба да се издаде ваков извод.

 

Автор: К. Битровска