/ Прочитано:

2.398

ЈАВЕН СЕКТОР: Жените најзастапени во јавните обвинителства, а мажите во јавните претпријатија

Во однос на половата структура на вработените во јавниот сектор, во Извештајот за вработените во јавниот сектор се вели дека од вкупно 109.304 вработени во јавниот сектор жени се 58.564, односно 53,58 %, додека мажи се 50.740, односно 46,42 %.

Доколку се анализира распределбата на мажите и жените по видот и дејноста на институциите, може да се заклучи дека жените се најмногу застапени во Уставниот суд на Република Македонија, каде што процентуално учествуваат со 91,3 %.

„Сепак, бројот на вработени во Уставниот суд е многу мал за да влијае на генералната слика на половата застапеност. Оттука, како вид на институции во кои жените се најмногу застапени ги издвојуваме јавните обвинителства и јавните установи. Од друга страна, пак, најголема застапеност на мажите има во јавните претпријатија (83,38 %) и во институции од дејноста животна средина (88,99 %), што пак имајќи ја предвид бројката на вработени во претпријатијата, влијае во огромна мера на балансот на полова застапеност на ниво на цел јавен сектор“, се вели во Извештајот.

Генерално, жените се позастапени во речиси сите видови на институции. Сепак,  се додава во Извештајот, треба да се има предвид дека од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор што се анализира по структура изземени се Армијата на Република Македонија, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и органите во состав на Министерството, како и Агенцијата за разузнавање, во кои мажите се позастапени“, се констатира во Извештајот.

Инаку, во независните институции, чиј основ произлегува од Уставот на Република Македонија, вкупно се вработени 532 лица, од кои 445 во НБРМ, 64 во Народниот правобранител и 23 во Уставниот суд на Република Македонија, распоредени во две групи, административни службеници и помошно-технички лица.

Објавен Извештајот за вработените во јавниот сектор

М.В