/ Прочитано:

1.482

КАДРИУ: „Да се почитува Уставот на земјата значи да се сака земјата“

Новите уставни судии Осман Кадриу и Дарко Костадиновски истакнуваат дека функцијата ќе ја извршуваат совесно, професионално и одговорно. Покрај привилегиите што ги има оваа функција, таа носи и голема одговорност.

„Оваа функција е одговорна дотолку повеќе што и надлежностите на Уставниот суд се мошне значајни. Преку нив се остварува главниот интерес – интересот на општеството, на граѓаните. Да се штити правниот поредок, уставниот поредок на земјата, значи да се почитува Уставот на земјата, а да се почитува Уставот на земјата значи да се сака земјата. Уставниот суд претставува стожер и чувар на уставниот поредок на земјата“, вели Осман Кадриу.

Собранието на Република Македонија денеска ги избра Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за судии на Уставниот суд. Костадиновски и Кадриу беа предлог на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, кој, како што истакна,  пред донесувањето на одлуката, извршил консултации со релевантни фактори од оваа област.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Претседателот на Судот се избира од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.

Според Уставот на Република Македонија, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество. Уставот го конституира Уставниот суд на Република Македонија како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста и ги заштитува основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Кадриу и Костадиновски избрани за нови уставни судии

М.В