/Прочитано:

162

Комисијата за заштита од дискриминација за првпат утврди дискриминација по спроведено тестирање на ситуација

 

Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна дискриминација во пристап до добра и услуги сторена врз две лица од ромска етничка припадност од страна на угостителски објект од Прилеп, врз основа на боја на кожа и етничка припадност.

Ова е прво мислење на Комисијата за заштита од дискриминација (бр. 0801-1/3 од 15.03.2019), кое е донесено врз основа на спроведено тестирање на ситуација од страна на Хелсиншкиот комитет.

Тестирањето на ситуација претставува метод кој се користи во случаи на дискриминација во кои недостасуваат факти и докази и која е тешко да се докаже. Тестирањето на ситуација вклучува употреба на организирани актери или апликанти за да се истражи појавата на дискриминација во различни предмети, процеси и области по различни основи. Овој метод се користи и за спроведување на истражувања чии резултати понатаму се користат за застапување или за лобирање за промена на дискриминаторски практики, или пак за промена на законодавството, за зголемување на свесноста во јавноста околу постоење на определена дискриминаторска практика, како и за набљудување и документирање на состојбата со дискриминацијата воопшто.

Во конкретниот случај, образложуваат од Хелсиншкиот комитет, се тестираше пристапот до добра и услуги како важен сегмент во социјалниот живот на лицата од сите етнички заедници.

Ограничувањето на пристапот на Ромите до добра и услуги претставува повреда на правото на еднаквост на Ромите во споредба со останатите етнички заедници. На овој начин продолжува стигматизацијата и сегрегацијата на Ромите и се отвора можност за постоење на дискриминаторска практика, доколку ваквиот третман е единствено насочен кон припадници на ромската заедница.

Со цел да се утврди ваква дискриминаторска практика, било спроведено тестирање на ситуација во угостителскиот објект во Прилеп, преку кое се тестирал пристапот и квалитетот на услуга во кафе-барот во однос на Ромите, со поставување на компаратори – контролни тестери – односно лица кои не се Роми.

„Спроведеното тестирање на ситуација покажа дека на тестерите од ромска етничка припадност им бил оневозможен пристапот во кафе-барот. Имено, кога тестерите пристигнале пред кафе-барот и согласно сценариото за тестирање се обиделе да влезат во објектот и да нарачаат пијалак, пред вратата на кафе-барот биле пречекани од келнер кој не ги пуштил да влезат, со образложение дека нема место. По прашањето на тестерите зошто не може да влезат во кафе-барот и укажувањето дека има слободни маси на терасата на кафе-барот, келнерот им рекол дека сите маси се резервирани и им повторил дека не можат да влезат. Од друга страна, контролните тестери, лица од македонска етничка припадност, изјавија дека оствариле пристап во кафе-барот, односно на влезот на кафе-барот биле пречекани од келнер кој ги прашал каде сакаат да седнат, ги придружувал до посакуваната маса и веднаш после нарачувањето ја донел нивната нарачка. Контролните тестери изјавија дека келнерот се однесувал љубезно и културно“, соопштуваат од Хелсиншкиот комитет.

М.В