/ Прочитано:

1.279

Компаниите со предлози за подобрување на состојбата со стручниот кадар по мерка на бизнисот

Недостигот од стручен кадар поради неусогласеност на вештините и компетенциите на понудата со побарувачката на работна сила, миграциската  политика и одливот на кадар од државата, следено со образовен систем кој не одговара на потребите на бизнис-секторот беа дел од темите на трибината со наслов: „Стручен кадар по мерка на бизнисот“, која се одржа во Стопанската комора на Македонија.

На настанот пред присутните беа презентирани ставовите што произлегуваат од анализите направени од Комората во областа на образованието и работната сила, информираат од Стопанската комора, која во целост ги објави заклучоците од настанот, кои ќе бидат проследени и до институциите.

М-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија, истакна дека 80% од активните баратели на работа се долгорочно невработени, главно поради фактот што нема усогласеност на вештините и компетенциите.

„Ефектот е нефлексибилен образовен систем, кој не одговара на барањата на бизнис-заедницата, изостанува имплементацијата на законите, недостигаат анализи за потребите на пазарот на труд, а анализите кои ги прават организации надвор од државниот образовен систем не се земаат предвид при креирањето на новите политики“, додаде Јаневска. Од аспект на бизнис-заедницата, посочи Јаневска во излагањето, учеството на бизнис-секторот во модернизирањето на образовните програми е од особено значење поради нивната стручност, и потребно е да се зголеми во проценти бројот на стручни предмети за сметка на општообразовните. Од големо значење е и уписната политика, која не ги следи потребите на стопанството и не е усогласена со потребите по секторите, потоа недостига соработка помеѓу училишните центри и локалните работодавачи, а спорен е и феноменот на товарање гимназиски паралелки во стручните училишта и образување кадри со општообразовни знаења. Не помалку важна е и практичната обука на работното место, која мора да биде составен дел на стручното образование. Сето ова е во насока да се реализира визијата преку која може да се стигне до квалитетен образовен систем, а тоа е 70% стручно образование, а 30% гимназиско. Но истовремено и подигнување на критериумите за упис во средните стручни училишта.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, упати неколку пораки.

„Во согласност со потребите на бизнис-секторот, за 10 години отсега ја гледам Комората како институција која ќе се занимава со образованието и со потребите на стопанството. Комората е активно вклучена во овие процеси, но недостасува политика на државата кон ова прашање“, посочи претседателот Азески. Доколку живееме во пазарна економија, тогаш треба да се стремиме кон дерегулација на образовниот систем и на фирмите со поддршка од Комората да им се овозможи да бидат носители на процесот на преквалификација на кадри за нивни потреби. Според него, на идејата за увоз на работна сила не треба да се гледа како на нешто невозможно, напротив треба да се следат процесите во земјите од регионот и пошироко и со соодветни решенија да се креираат услови во интерес на бизнисот.

Проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, како истражувач на пазарот на труд, порача дека образованието треба да креира вештини, а не само знаење, бидејќи за компаниите е клучно потенцијалните работници да знаат што и како ќе сработат, а не да имаат општо образование. Таа порача и дека е потребна поголема инволвираност на институциите и соодветна имплементација на законите.

Клучно прашање во моментот, вели Мојсоска Блажевски, е дека има  недостиг од кадар, и по квантитет и по квалитет. Официјално се евидентирани 198.000 невработени (август 2019 година), од кои само половина, или 100.000 лица активно бараат работа, а 25% од младите се неактивни, без амбиции и без очекувања. Ако на ова се додаде неформална економија и миграциите, следено од искуството на другите земји членки на ЕУ, сето ова ни укажува на недостиг од работни вештини кај расположливата работна сила.

Недостасува врската помеѓу пазарот на труд и работодавачите, вели професорката, а нема ниту рамнотежа во образовните програми во однос на меките и стручните вештини. Имено, од 100 дипломирани студенти само 17 работат по струка. Работодавачите ги оценуваат дипломираните студенти со 6 на скала од 1 до 10 , што е многу ниска оценка, која варира во приватниот и во јавниот сектор.

Во државата се користат неформални канали на барање на работа, базирани на препораки, а од друга страна, работодавачите, и покрај тоа што не се задоволни од постојната понуда на пазарот на труд, не препознаваат дека треба и мора да се вклучат во креирањето на образовните политики.

„Образовните институции мора да водат сметка за подобрување на квалитетот и за валоризирање на евалуациите од студентите“,  вели Мојсоска-Блажевски.

Во улога на работодавач, Ирена Јакимовска, коосновач на „Комфи ангел“ – Прилеп, потенцираше дека во моментов главен фокус за развој на секоја компанија е човечкиот капитал. Се наоѓаат пред предизвик како да ги одржат фирмите и да го оправдаат вложувањето и развојот со години наназад во услови на недостиг на соодветен стручен кадар.

Преку примерот на Прилеп, каде што работи „Комфи ангел“, Јакимовска вели дека во Заводот се евидентирани 11.524 невработени, од кои 70% се водат како активни баратели. Голем дел од нив реално немаат мотив да работат и не се јавуваат на огласи, а отворени работни позиции има. Како реален проблем се посочува работата на мајсторите кои непријавени заработуваат многу повеќе отколку да бидат вработени кај конкретен работодавач, а истовремено дел од нив се и корисници на разни форми на државна помош преку Министерството за труд и социјална политика. Затоа, вели Јакимовска, мораме глобално да ги гледаме работите и не ја исклучува можноста да се креира политика на увоз на работна сила во земјата.

Присутните на трибината, кои се вклучија во дискусијата, посочија различни примери на проблемите со кои секојдневно се соочуваат.

Благоја Самакоски од „Микросам“ – Прилеп, посочи дека стопанството го интересираат високостручни кадри, но и стручни кадри со средно образование. Според него, треба да им се даде можност на компаниите да можат да ги обучат бараните кадри со потребните вештини, за што би се здобиле со сертификати кои ќе бидат доволни за вработување.

Дел од компаниите информираа дека потребите од кадри ги обезбедуваат преку неформалното образование со креирање тренинг центри и обуки за конкретни програми. Беше посочено и дека треба да се размислува преку позитивни кампањи да се потенцираат придобивките од вработување во приватниот сектор, во насока да се привлечат прво младите невработени лица, но и многу позначајно да се упати порака дека вработувањето во јавната администрација само ја носи земјата во негативен правец бидејќи тоа е поле кое не продуцира раст и развој, а административците се најголемата конкуренција на вработувањето во приватниот сектор.

Граѓаните, велат бизнисмените, треба да сфатат дека само со раст и развој на приватниот сектор и афирмирање на вработувањето во стопанството може да се зголеми атрактивноста на стручните занимања и да се мотивираат младите.

На трибината пред присутните како позитивен пример беше спомената соработката помеѓу Средното училиште „Михајло Пупин“ и компанијата „ЕВН Македонија“ АД, кои по принцип на јавно приватно партнерство развија образовна програма од профилот „монтер“, а по завршувањето на средното образование компанијата ги вработува учениците. Беа споделени искуства од ученици и професор ментор од стручните предмети.

Во продолжение се заклучоците од настанот:

  • Спречување на емиграцијата од државата преку подобрување на животниот стандард на граѓаните и зголемување на квалитетот на живот.
  • Обезбедување алтернативна работна сила преку промовирање и поддршка на концептот на внатрешни миграции и преку олеснување и забрзување на постапките за обезбедување на работни дозволи за странци.
  • Активно вклучување на деловната заедница и на стопанските комори во креирање на образовните програми и уписните политики, како во средното, така и во високо образование.
  • Рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта според потребите на компаниите на локално и регионално ниво.
  • Системско решавање на дуалното образование.
  • Хармонизација на законодавството во образовната политика.
  • Воспоставување модел на кариерно советување.
  • Точно прецизирање на одговорностите на институциите во воспоставување на образовниот систем.

М.В