/Прочитано:

183

Компаниите велат дека е потребно намалување на јазот помеѓу потребите и понудата на пазарот на трудот

„Недостигот од квалификувана работна сила во македонската економија е сѐ поизразен, а дебалансот на пазарот на труд е предизвик за стопанствениците, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).  Потпретседателот на Сојузот, Александар Милошевски, истакна дека по консултација со секторските и регионалните комори, евидентирано е дека во  сите сектори недостигаат квалификувани работници, особено во градежништвото, индустријата, туризмот, услужните дејности, како и во приватното здравство.

„Потребна е консолидирана оцена за потребите на стопанството и човечките потенцијали во земјата, со можност за преквалификации, а и долгорочно стратешка промена на севкупниот образовен систем. Реформите во образованието и наставните програми треба да ги следат потребите на стопанството  и адекватно на тоа да се насочува и идниот кадар кој треба да биде активен на пазарот на труд. Само на тој начин би имале систем кој функционира. Исто така, по примерот на западните земји, како Германија, Австрија, едно од можните решенија е воведување на дуалниот систем на средното стручно образование или учење преку работа со  системска поддршка и субвенции за учениците кои би се определиле за таков вид образование“, истакна Милошевски и додаде дека стопанствениците во Сојузот се подготвени во чекор да ги следат сите реформи кои би влијаеле на подобрување на кадарот во компаниите, а со тоа и на продуктивноста на самата компанија.

Според анализите, најбарани позиции за работа се: продажба, возачи, дистрибутери, курири, кадар во угостителство, комерцијалисти и работници во магацин. По индустрии најбарани се лица за работа во малопродажба, угостителство, ИТ, трговија и дистрибуција, како и во производство.

„Евидентен е недостигот на лица со насочено средно стручно образование, но и на инженери и медицински персонал.  Во таа насока, неопходна е професионална ориентација на учениците уште во основното образование и промоција на средните стручни училишта и занимања. Потребна е интегрирана соработка на сите општествени чинители за правилно адресирање за потребите од квалификувана работна сила, сето тоа да допре и до учениците и до родителите. Веруваме дека тоа е единствениот начин за намалување на јазот помеѓу потребите и понудата на пазарот на трудот“, истакна Милошевски.

За компанијата да биде попродуктивна и попрофитабилна, покрај технолошката конкурентност, важен сегмент се токму вработените квалитетни кадри, понатаму нивна мотивација и поттик за понатамошна едукација, специјализација за проширување на постојното и стекнување на ново знаење со цел што е можно повеќе да придонесат за остварување на организациските цели.

Сојузот на стопански комори на Македонија е вклучен во програмите и ги информира компаниите за можностите понудени од ЕУ, како што е програмата „Еразмус плус 2014-2020“, и за владините мерки од Оперативниот план, но потенцираат дека неопходна е подинамична работа на ова поле во насока на развој на компаниите и задржување на работоспособното население во земјата.

М.В