Конференција за европскиот налог за истрага – теоретски согледувања и практични дилеми
Казнената соработка во кривичните предмети е клучен чекор за ефективноста и ефикасноста на кривичните постапки меѓу земјите членки на ЕУ. Експедитивноста во таа соработка се заснова на два клучни инструменти, кои се разликуваат по својата специјалност и важност: европскиот налог за апсење и европскиот истражен налог.
Двата инструменти имаат предзнак на антитерористички мерки, како одговор на Унијата по терористичките напади во Њујорк на 11 септември 2001 и во Мадрид во 2004 година. Целта на двете мерки е зајакнување на соработката преку брз трансфер на осомничени и осудени лица, отстранување на бирократските процедури и целосно редефинирање на концептот на екстрадиција и заедничка соработка во истрагите, и сѐ тоа засновано врз принципот на заемна доверба и признавање на судските одлуки во државите членки на ЕУ. Клучниот збор тука е брзата реакција и превенција.
Во мај 2017 година, кога истече рокот за имплементација на Директивата за европскиот истражен налог, Вара Јурова, комесар за правда на Унијата, во јавноста ја истакна важноста на европскиот налог за истрага за справување со тероризмот и другите форми на меѓународен криминал: „Криминалците и терористите не познаваат граници. Опремувањето на судските органи со европската наредба за истраги ќе им помогне ефикасно да соработуваат во борбата против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со дрога и корупцијата. Тоа ќе им овозможи на судските власти пристап до докази брзо, каде и да се во ЕУ.“
Доколку државите членки немаат ефикасен инструмент за прекугранично собирање докази, борбата против тероризмот и меѓународниот криминал не може да биде ефективна. Важноста на инструментот може да се покаже и врз злосторствата извршени против мигранти и од мигранти кои за време на процесот на миграција минуваат повеќе национални граници во рамките на ЕУ. Механизмите за прекугранично собирање докази треба да функционираат непречено и ефикасно во борбата против прекуграничниот криминал и да обезбедат заштита на основните права.
Имајќи го предвид тоа, двете мерки набрзо беа ратификувани од националните парламенти на државите членки и набрзо стапија на правна сила. Практиката покажа првични тешкотии во имплементирањето на мерките поради недостигот на процесни гаранции на лицата субјект на налогот за апсење и на истражниот налог. Честите проблеми се однесуваат на: импликации со правото на одбрана, непочитување на принципот на специјалност при екстрадицијата или испорачувањето на докази, непропорционалност на трошоците, неинформираност за сторување на кривичното дело, неовозможување на превод и толкување на лица кои не го зборуваат јазикот и слични проблеми со импликации на процесните права, кои во понатамошната фаза од постапката би претставувале повреда на принципот на еднаквост.
Европскиот налог за апсење е средишна точка на дискусија меѓу експертите и практичарите и тоа предизвика ефект европскиот налог за истрага да биде поттурнат во смисла на плејадата нерегуларности и проблеми кои ги предизвикува во практиката. Непостоењето на академска дискусија и одговор во однос на тоа прашање отвори правна празнина, која набрзо ќе биде пополнета со заклучоците и препораките од овој проект, кој е имплементиран од правните факултети во Марибор и Загреб, а финансиран од ЕУ.
Правниот факултет во Марибор, како и правните факултети во Загреб, Грац, Гетинген, Торино, Портокаленсе и Институтот за правни истражувања – Јозеф Штефан завршија со имплементација на проектот: Теоретски и практични дилеми и анализа за примената на европскиот истражен налог. Двегодишниот проект, кој завршува во 2021, стана форум за дискусија меѓу експерти и практичари, како и катализатор за позитивни промени на Директивата за европскиот налог за апсење. Проектот ги опфаќа клиничкиот и компаративниот метод на имплементација, каде што преку своите активности направи база со податоци за вкупниот број на примени, извршени и испратени налози за истрага во ЕУ. Преку фокус-групите со: судии, обвинители, адвокати и полициски службеници, успешно ги детектира проблемите со кои секоја група посебно се соочува во имплементацијата на Директивата во практиката, како и во идентификација на добрите практики и идејни решенија.
Научната конференција, која се одржа на 8 и 9 декември 2020 година, беше клучната точка од активностите на проектот, на која беа презентирани резултатите, наодите и мислењата од експертите и практичарите. Проф. д-р Весна Ријавец, декан на Правниот факултет во Марибор, д-р Зоран Станчиќ, претставник на Словенија во Европската комисија, и доц. д-р Миха Шпец, проектен координатор доцент на Катедрата по казнено право на Правниот факултет во Марибор, ја отворија научно-стручната конференција, на која во воведните говори се осврнаа на значењето на проектот во надминување на практичните предизвици во имплементацијата на истражниот налог, и ја нагласија важноста на овој инструмент во борбата против тероризмот и другите форми на меѓународен криминалитет.
Првиот ден дебата беше фокусирана на идните предизвици на заемното признавање и судската соработка во кривичната материја во ЕУ, каде што свои излагања имаа претставници од Европскиот парламент, Изток Стражар, виш јавен обвинител на Љубљана, и Миха Шошоц, адвокат, кои се осврнаа на важноста на налогот за обезбедување на докази од други земји членки на ЕУ.
Место во конференциската дискусија беше оставено и за напорите на Република Северна Македонија во соработката во кривичните предмети со ЕУ и начините за идна транспозиција на Директивата за европскиот истражен налог во македонското законодавство. Свое излагање на тој панел имаше м-р Андреј Божиновски, докторанд на Правниот факултет во Загреб и правен советник на Здружението на судиите на Северна Македонија. Во своето излагање Божиновски укажа дека хармонизацијата на македонското законодавство во однос на налогот за истрага спаѓа во рамките на Поглавјето 24 од пристапните преговори со Унијата, кое се однесува на политиките од областа на правдата, слободата и безбедноста.
Процесот на усогласување со правото на Европската Унија (ЕУ) ја наметнува потребата за воспоставување на законски гаранции, солидна правна рамка, документирани и континуирани резултати на институциите. Целта на ваквото усогласување e потребата за остварување на успешна правосудна соработка, која ќе овозможи ефикасно и ефективно откривање, докажување и судско процесирање на кривичните предмети, особено во областа на транснационалниот организиран криминал. Имплементацијата на истражниот налог во Северна Македонија и моделот на имплементација е сѐ уште предмет на понатамошна дискусија меѓу научната и стручна јавност во земјата. Тој укажа дека државата веќе ги започнала клучните обврски во однос на забрзана екстрадиција и заемна помош во кривичната материја преку измените во ЗКП, КЗ и Законот за меѓународна соработка во кривичните предмети. Правосудната соработка во кривичната материја особено зависи од заемното признавање на судските одлуки, од хармонизацијата на законодавството и од остварувањето на институционалните претпоставки за успешна соработка. Во завршните излагања тој укажа дека ратификуваните меѓународни инструменти, конвенции и нивните дополнителни протоколи од областа на меѓународна соработка во кривичната материја донесени од страна на Советот на Европа – во голема мера се темелат на принципите на кои почиваат регулативите, одлуките и директивите на ЕУ и тоа не би претставувало проблем за транспозиција на Директивата за Европскиот налог за истрага индиректно, како Република Хрватска преку измена на постојната законска регулатива.
Вториот ден на расправата фокусот беше ставен на процесните аспекти на европскиот истражен налог, каде што експерти, адвокати, судии и јавни обвинители имаа свои излагања во кои ги посочија недостатоците во спроведувањето на налогот и импликациите на процесните права со кои се соочуваат. Партнерската група од проектот при Правниот факултет во Загреб беше составена од проф. д-р Елизабета Ивичевиќ-Карас, доц. д-р Александар Маршавелски, доц. д-р Марин Боначиќ и доц. д-р Зоран Буриќ.
Во своето излагање професорката Карас укажа на важноста на европскиот истражен налог во заедничката соработка за сузбивање на транснационален криминал. Таа напомена дека не смее да се створи перцепција за налогот за апсење како обвинителен инструмент што не дозволува висок стандард за заштита на човековите права.
Маршавелски во излагањето укажа на тоа дека е потребна понатамошна анализа на практиката од имплементацијата на налогот за истрага со цел да не се повторат грешите во практиката од европскиот налог за апсење. Имено, тој упати на важноста на ваквите проекти, кои ќе ја дадат реалната слика на имплементацијата и кои дозволуваат да се извлечат искуства од практиката, што е чекор кон изнаоѓање решение за фрагментирана рамка на меѓусебно признавање на судските одлуки и брзото споделување на докази.
Боначиќ и Буриќ во своите излагања се осврнаа на тоа кој ги сноси трошоците во постапката, односно примената на принципот на пропорционалност, важноста на правилото на специјалност и процесните права во постапката на истражниот налог. Во фокусот на нивното излагање беше принципот на пропорционалност и реципроцитет при трошоците.
Имено, сегашното решение во Директивата, каде што земјата извршител на налогот ги сноси трошоците, е непрактично и не содејствува со реалната слика на налогот. Анализата покажува дека одредени земји се во позиција да извршуваат многу повеќе отколку што издаваат, а одредени земји може да имаат задача да спроведат истрага од голем обем.
Во однос на импликациите за човекови права, тие укажаа дека иако членот 1 (3) од Директивата предвидува издавање на европски истражен налог од осомничено лице, обвинето лице или адвокат во негово име, не сите земји членки ја транспонираа Директивата во нивното национално законодавство за да им се дозволи на осомничените/обвинетите/нивните адвокати да побараат издавање на европски налог за апсење за собирање докази во друга земја, како дел од процесното право на одбрана. Во понатамошното правно толкување во постапката, овој начин на постапување би претставувал предизвик против еднаквоста на оружјата во кривичната постапка, каде што позицијата на јавниот обвинител се привилегира. Во однос на принципот на специјалност, Маршавелски укажа дека за разлика од европскиот налог за апсење, истражниот налог се распишува и за собирање на докази во управна и граѓанска постапка. Проблемот настанува кога државата издавач на налогот може да побара докази за управната постапка во земјата извршител, но ги користи за кривична постапка. Нема гаранции дека тоа не би се правело.
Резултатите од проектот ќе бидат од корист за сите кои се занимаваат со истражување во областа на соработката во кривичната материја во Унијата, како и на правосудните актери кои се директно вклучени во имплементацијата на европскиот истражен налог. Завршните наоди од проектот дополнително ќе послужат како индикатори за градење политики и нови законски решенија со кои би се подобриле детектираните слабости и недоследности на европскиот истражен налог. Проектот, за крај, има цел да им користи на судиите, на адвокатите, на јавните обвинители и други од сите земји членки и земји кандидати за ЕУ кои ја спроведоа (или сè уште не ја спроведоа) Директивата, а не само оние вклучени во проектот.
М.В