Конференција за Стратегијата за реформа на јавната администрација
Министерството за информатичко општество и администрација, со поддршка на ОБСЕ, организираа конференција на тема: „Стратегија за реформа на јавната администрација за 2018 – 2022, идни предизвици“.
На конференцијата се обратија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Министерот Манчевски подвлече дека главните цели на Стратегијата се ефикасна и дигитализирана јавна администрација и воедно се осврна на активностите за имплементација на мерките од Акцискиот план.
„Во однос на дигитализацијата, реализиравме неколку стратешки приоритети кои се основата за масовна дигитализација на услугите и внатрешните процеси во администрацијата. Веќе го имаме Централниот регистар на население, а следната недела во употреба ќе го пуштиме и Националниот портал за е-услуги. Ги донесовме сите потребни законски акти за воведување на електронскиот идентитет на граѓаните. Од 1 јануари во употреба го пуштаме новиот систем за управување со документи – ДМС. Во фаза на евалуација е и новиот ИПА-проект за дигитализација на клучните регистри во државата и за развој на нови 120 е-услуги. Пред крајот на годината ќе ја промовираме големата надградба на ЕНЕР“, истакна министерот Манчевски.
Зборувајќи за Стратегијата и за Акцискиот план за реформата на јавната администрација, министерот се осврна и на активностите реализирани досега, но и на потребата од ревизија на дел од мерките.
На речиси две години од усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план, можеме да кажеме дека 76 активности веќе се имплементирани, а 34 се во завршна фаза. Во проценти ова значи дека 57% се предвидени за првата година и половина се реализирани или се реализираат во согласност со предвидената временска рамка, а 5,6% се реализирани подоцна од предвидениот краен рок“, информираше министерот Манчевски.
Како што рече тој, податоците покажуваат дека е потребно да се направи ревизија на Акцискиот план во однос на предвидените активности, што нема да ги стави под знак прашалник општите и посебните цели бидејќи тие остануваат исти затоа се дефинирани многу претпазливо и во потполност соодветствуваат со тоа што треба да се постигне со имплементацијата на Стратегијата. Измените треба да се однесуваат само на динамиката на реализација на активностите.
На конференцијата се обрати и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, кој рече:
„Реформaта на јавната администрација во Северна Македонија, како еден од главните приоритети на Владата, треба да резултира со професионални, деполитизирани и вредни административни службеници, кои ќе настојуваат да ги задоволат потребите на сите граѓани. Во овој поглед, јас сум горд на помошта што им ја обезбеди нашата мисија на властите, особено на Министерството за информатичко општество и администрација, кое ни овозможи денеска да разговараме за достигнувањата, како и за претстојните предизвици на јавната администрација.“
Во рамките на конференцијата беше потпишан и меморандум за соработка помеѓу МИОА и ОБСЕ за продолжување на партнерството и соработката во рамките на реформата на јавната администрација.
М.В