/ Прочитано:

1.769

Консултативен процес на МИОА за измените на законите за вработените во јавниот сектор и за административните службеници

Министерството за информатичко општество и администрација го започна консултативниот процес за измените на Законот за вработените во јавниот сектор и на Законот за административните службеници. На денешната јавна расправа беа презентирани моменталната состојба, предизвиците при имплементација на овие два закони, како и предлозите за аспектите во коишто можат да се подобрат законите.

Како што истакна министерот Манчевски, со измените на двата закони, заедно со другите реформи во јавната администрација, целта е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба, и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.

„Го започнуваме процесот на разговори и консултации со сите засегнати страни. Тоа е формулата за подготовка на измените на законите кои ќе одговорат на потребите. Покрај овие измени, работиме и на реорганизација на јавната администрација и на нов Закон за висока раководна служба. Но, законските решенија не се доволни, потребна е промена на политичката култура и на условите за работа“, истакна министерот Манчевски, посочувајќи дека законите даваат добра основа за начелата на мерит-системот, но праксата покажала дека неопходни се измени во повеќе аспекти.

Државниот секретар во МИОА, Јахи Јахија, се осврна на најчестите проблеми детектирани од институциите што ги имплементираат овие закони.

„Опфатот, класификацијата на вработените во јавниот сектор, планирањето на вработувањата, мобилноста, трансфер-листата, вработувањата на определено време, постапките за вработување и унапредување, платите… беа најчесто споменувани проблеми при разговорите со засегнатите институции. Тие се потврда за неопходноста од менување на овие два закони“, рече секретарот Јахија.

На јавната расправа свое обраќање имаше и советникот за администрација од МИОА Билјана Жагар-Николовска.

„Праксата покажа дека е потребно унапредување на моделот за управување со ефектот, односно оценувањето. Понатаму се јавува потреба од измени на постапката за мобилност и да се овозможи мобилност помеѓу давателите на услуги и помошно-техничките лица, а притоа системот на административни службеници  да остане комплетен“, заклучи Жагар-Николовска, зборувајќи и за „балансерот“ како алатка што не ги дала очекуваните резултати при планирањето на вработувањето.

Директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров, зборуваше за трите аспекти кои, според искуството на Агенцијата, треба да се изменат и да се дополнат во Законот за административни службеници.

„Во делот на постапката за вработување потребна е рационализација на условите за вработување и поедноставување на постапката. Исто така, потребни се измени и во постапката за унапредување. Што се однесува до заштитата на правата на административните службеници, потребна е рационализација на комисиите за водење на дисциплински постапки и ефектуирање на рокот за застареност за поведување на дисциплинска постапка“, информираше Глигоров.

Големиот број на присутни дадоа свој придонес кон дискусијата со примери од практичната примена, но и со препораки во согласност со направени истражувања, од што понатаму ќе произлезат и законските измени.

Јавна расправа за измените на законите за вработените во јавниот сектор и за административните службеници

Годишен извештај и препораки на Агенцијата за администрација

Јавна расправа за Законот за висока раководна служба

М.В