Марго Буисон, кандидатка за судија на Француската правосудна академија, на стаж во Академијата за судии и јавни обвинители
Во периодот од 5 до 23 март 2018 година, Марго Буисон, кандидатка за судија на Државната правосудна академија во Бордо, Република Франција, ќе го реализира потребниот стаж во Република Македонија, во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Стажирањето во надворешни странски судски институции е пракса на Државната правосудна академија на Република Франција, а целта е кандидатот да се запознае со правните системи на другите земји.
Во таа насока, Академијата подготви посебна агенда адаптирана на интересите и правните области кои се значајни за Марго Буисон, во чии рамки се предвидени низа посети на релевантни правосудни институции, каде што ќе може да се запознае подетално со нивната организациска поставеност и секојдневната работа, при што ќе има можност и преку поединечни средби да размени искуства со судиите и јавните обвинители од Република Македонија, како и со претставниците на останатите релевантни институции во Република Македонија.
Првиот ден од своето стажирање Марго Буисон ќе го започне во Академијата за судии и јавни обвинители, каде што ќе оствари и работна средба со директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, како и со дел од вработените, при што ќе има можност да се запознае со работата на Академијата, нејзината организациска структура, како и со нејзината улога во правосудниот систем на Република Македонија.
Во рамките на останатите денови Марго Буисон ќе оствари низа работни средби и состаноци, и тоа во: Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Основното јавно обвинителство Скопје, Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Апелациониот суд Скопје, Основниот суд Скопје 1, Основниот суд Скопје 2, Вишото јавно обвинителство Скопје, Министерството за правда на Република Македонија, Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Министерството за внатрешни работи – Сектор за меѓународна полициска соработка и Секторот за криминалистичка техника, Канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија, Управата за финансиска полиција; Адвокатската комора на Република Македонија и Комората на извршители на Република Македонија.
Изминатите две години во посета на Академијата, а со цел стекнување на потребниот стаж за Државната правосудна академија на Франција, беа и кандидатките Светлана Зашова и Емили Петровски, кои се по потекло од Македонија, а сега се веќе дел од француското правосудство.
Интервју со Светлана Зашова, првата Македонка во Француската правосудна академија
М.В