/ Прочитано:

1.200

Меѓународен ден на социјалната правда: Голем број повреди на економските и на социјалните права на граѓаните

Социјалната правда е основниот принцип за мирен и просперитетен соживот во и меѓу народите. Социјалната правда се унапредува кога се отстрануваат бариерите со кои се соочуваат луѓето поради пол, возраст, раса, етничка припадност, религија, култура или попреченост.

Социјалната правда, велат од Хелсиншкиот комитет, е во сржта на мисијата на Обединетите нации со цел да се промовираат развојот и човечкото достоинство. Донесувањето на Декларацијата за социјална правда за праведна глобализација е само еден недамнешен пример за посветеноста на системот на Обединетите нации кон социјалната правда. Декларацијата се фокусира на гарантирање фер резултати за сите преку вработување, социјална заштита, социјален дијалог и основни принципи и права на работа.

„Во Република Македонија регистрираме голем број повреди на економските и на социјалните права на граѓаните, што се должи на сè поголемата сиромаштија во земјата, на високиот степен на невработеност, но и на бавните реформи во делот на социјалната и здравствената заштита. Лицата со попреченост, Ромите, текстилните работнички, жените од руралните средини сè уште се едни од најранливите групи во нашето општество, за кои државата сè уште не презема суштински мерки за унапредување на нивниот социјален и општествен статус. Образованието останува недостапно за многу лица од овие групи, главно поради непристапноста на образовните објекти за лицата со попреченост и девојчињата од руралните средини, како и поради испишувањето на голем број ученици од ранливите групи поради сиромаштија на семејствата и влегувањето во малолетнички бракови“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

Со оглед на ваквата состојба, додаваат од Комитетот, државата што поскоро треба да започне со реформа на системот за социјална и здравствена заштита и со реформа на образовниот систем со цел подобрување на еднаквиот пристап на граѓаните до сите добра и услуги што ги обезбедува државата, а со тоа подобрување и на квалитетот на живот.

„Особено внимание треба да им се посвети на ранливите групи, за кои конечно треба да се применат ефикасни политики за подобрување на нивниот социјален и општествен статус. Ова секако ги опфаќа политиките за вработување на овие лица и механизмите за заштита при прекршување на нивните права.

Во најскоро време треба да биде донесена нова стратегија за деинституционализација и државата сериозно да започне со нејзина примена со цел најранливите лица, сместени во институциите од системот, конечно да добијат соодветна вонинституционална грижа“, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

М.В