/ Прочитано:

1.339

Меѓународно советување за стандардите на ЕУ за почетната обука на судии и јавни обвинители

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТАIEX) на Европската комисија, организира дводневно меѓународно советување и работилница на тема: „Стандардите на Европската Унија за почетна обука на судии и јавни обвинители“.

На настанот учествуваат судии и јавни обвинители и претставници од сите релевантни институции од Република Македонија, претставници од правосудните академии од земјите од регионот – Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Турција. Во рамките на меѓународната работилница свои излагања имаа Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители ,,Пaвел Шатев’’  и Војчех Постулски, генерален секретар на Европската мрежа за судска обука.

Генералниот секретар на Европската мрежа за судска обука Војчех Постулски истакна дека Мрежата е образовен темел на сите институции кои обучуваат судии во земјите членки на Европската Унија, но и во земјите кандидати на Унијата. Независноста во процесот на обука, нагласи Постулски, е круцијален елемент и обуката на судиите е темел на независното и непристрасно судство.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска, истакна дека работилницата ќе обезбеди размена на најдобри практики помеѓу претставниците на правосудните академии од европските земји и експерти од Белгискиот институт за обука на судии, Европската мрежа за судска обука во Брисел, шведското судство, Холандскиот центар за обука и проучување на судството, Француската национална школа за судии и Европската школа за спроведување во Бугарија.

Целта на работилницата е да се зголеми знаењето на учесниците за стандардите на ЕУ во врска со изборот и почетната обука на идните судии и јавни обвинители. Обезбедувањето соодветна обука на судиите и јавните обвинители е клучна цел во областа на владеење на правото, што претставува клучен дел од процесот на интеграција во ЕУ.

„Целта е да се зајакне ефикасноста, професионалноста и транспарентноста на судските и обвинителските институции и да се помогне во изградбата на ефикасна правда, а исто така и да се зголеми довербата меѓу европските земји, практичарите и граѓаните“, беше истакнато на денешната работилница на која говореа и значајни имиња од европските институции за правосудна едукација.

Поконкретно, на дводневниот настан свои предавања имаат Раф Ван Рансбег, директор на Белгискиот институт за судска обука, Ленарт Јохансон, судија во Окружниот суд Кристианстад, Шведска, Драгомир Јорданов, извршен директор на Европската школа за спроведување, Бугарија, Ен Тахапарим, виш менаџер за обука, Холандија, Карима Кадури, менаџер за квалитет за програми за иницијална обука на судии во Центарот за обука и проучување на судството, Холандија и претставниците од правосудните академии од земјите од регионот.

На работилницата се говори за стандардите на  ЕУ за почетна обука на идните судии и јавни обвинители, за процедурата за избор на кандидатите, за тестовите за квалификуваност и интегритет за изборот на кандидатите, за критериуми за влез во почетната обука, за обезбедувањето на објективни и конкурентни листи на дипломирани кандидати, за дефинирањето на објективни и мерливи критериуми (приемни испити), за развојот на модули за обука, за евалуацијата и следењето на почетната обука, за следењето на ранг-листите од телата за избор, за искуството и најдобрите практики од земјите на Западен Балкан и Турција за избор на кандидатите за почетната обука и за методологијата и техники на подучување.

М.В