/Прочитано:

249

МИОА го подготвува Регистарот на население

МИОА во моментов работи на проектот Регистар на население, како единствена база на податоци која ќе обезбеди ажурирани информации за населението во Македонија, истакна на денешната прес-конференција, Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Централниот регистар на население ќе овозможи институциите да имаат редовна ажурирана состојба за личните податоци на населението. Точноста на податоците кои се користат во управните постапки од институциите е поставена на максимално ниво и ќе биде следена и контролирана.

Со имплементацијата на овој систем, вели Манчевски, отстранета е можноста за употреба на лажни лични податоци. Податоците во Централниот регистар на население се основа за издавање на електронски идентитет за граѓаните, кој понатаму се користи во порталот за е-услуги.

Како што посочи министерот Манчевски, во текот на 2018 година беа изработени повеќе стратегии, како што се: Стратегијата за реформа на јавната администрација, Стратегијата за отворени податоци 2018-2020, Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022, Националниот план за управување со квалитетот во јавниот сектор 2018-2020. До крајот на оваа година ќе се финализира и Стратегијата за широкопојасен интернет, а на средината од наредната година ќе имаме и нова Национална долгорочна ИКТ-стратегија. За дел од активностите предвидени во стратегиите обезбедени се средства од буџетот на МИОА за 2019 година, но за голем дел од активностите се обезбедени средства од партнерите од меѓународната заедница.

„Тука мислам на процесот на воведување на критериуми за висока раководна служба и изработка на нов закон. Хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа е уште еден комплексен процес, кој активно ќе се реализира во 2019 година, за што имаме обезбедено финансии од надворешни донатори. Во делот на информатичкото општество, тука е имплементирањето на Акцискиот план за сајбер безбедност, за што се обезбедуваат пари повторно од надворешни донатори“, информираше министерот Манчевски.

Министерот го најави и Националниот портал за е-услуги, како единствена точка на контакт на граѓаните со државните институции.

„Порталот ќе биде пуштен во употреба на почетокот на 2019 година. Во првата фаза на развој на порталот услугите ќе бидат насочени кон граѓаните, но порталот во понатамошниот развој ќе претставува основа на која ќе се надградуваат сè повеќе услуги и за бизнис-заедницата. За ова повторно работиме со помош на ЕУ. Целта на порталот за е-услуги е да ја зголеми ефикасноста на државните институции и да обезбеди побрзи и поедноставни услуги преку создавање единствена точка на контакт помеѓу граѓаните и бизнисите, од една страна, и давателите на услуги, од друга. Порталот овозможува и поврзување со Националниот регистар на население, од каде што ќе се преземаат основните податоци за граѓаните“, рече министерот Манчевски.

Уште еден проект што ќе биде реализиран во текот на 2019 година, а што е во правец на олеснување на процесот на добивање на сервиси од јавната администрација, е проектот Една точка за услуги.

„Во текот на 2019 година во секој поголем град ќе се отворат канцеларии (центри) каде што граѓаните ќе може да се обратат на едно место, односно една точка за услуги, за услугите што ги нудат повеќе државни институции. Најголем дел од канцелариите што ќе се користат ќе бидат актуелните интернет-клубови, кои по направената анализа се покажаа како непотребни и нефункционални. Со пренамената на овие простории во центри за Една точка за услуги овие простори ќе бидат ставени во целосна служба на граѓаните“, подвлече министерот Манчевски.

Во претходниот период, нагласи министерот, бевме фокусирани на анализи, планови и стратегии. 2019 е година на испорака на резултати

Инаку, вкупниот буџет на МИОА за 2019 година изнесува 1.554.840.000 денари и бележи мал пораст во споредба со буџетот за минатата година, кога изнесуваше 1.486.050.000 денари.

МИОА ги објави законите за централниот регистар на население, за електронското управување и за електронските документи

Јавна трибина за Законот за централен регистар на население и за Законот за електронско управување и електронски услуги

Објавени Предлог-законот за централен регистар на население и Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги

Законот за централен регистар на население во фаза на подготовка

Кои лични податоци на граѓаните ќе ги содржи базата на податоци за воспоставување електронски регистар на население

М.В