На седницата на Советот за реформи адвокатите ги истакнаа своите предлози за измените на Законот за судовите
Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор на Владата на Република Македонија на својата седница, одржана синоќа, ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка.
Отворајќи ја седницата, министерката за правда, Рената Десковска, која претседаваше со работата на седницата, ги елаборираше предложените измени на законите кои се разгледуваа, со посебен осврт на Законот за судовите.
Членовите на Советот за реформи своите дискусии главно ги насочија на работата на Кривичниот суд, како најголем и како суд со посебни овластувања.
Акцентот, истакнуваат од Советот, беше ставен на неопходноста од формирање на посебно одделение кое ќе суди по предметите кои сега ги застапува Специјалното јавно обвинителство, за кое, исто така, беа дадени одредени предлози во насока на негова трансформација и натамошно функционирање.
Адвокатот Александар Тумановски го отвори прашањето за измена на одредбите од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, за кој Адвокатската комора на РМ во текот на вчерашниот ден достави допис до Владата и до Министерството за правда, како и до Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, со кој се предлага и адвокатите, како дел од правосудниот систем, да можат да бидат предложени во постапките за избор на судии.
Претседателот на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, судијата Илир Сулејмани, го отвори прашањето за недостигот од судии во тој суд, како и за видот и начинот на санкционирање на судиите, побара јасно разграничување на термините нестручно и несовесно постапување на судија во текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите.
Објавен и текстот на предложените измени на Законот за Судскиот совет
М.В