/ Прочитано:

1.633

Најмногу претставки до Комисијата за заштита од дискриминација по основа на пол и род и во областа на работните односи

Во 2017 година до Комисијата за заштита од дискриминација се доставени 59 претставки за дискриминација од граѓани, од правни лица, од невладини организации и од други, посочуваат од Комисијата за заштита од дискриминација во својот Годишен извештај.

Најмногу претставки се поднесени поради дискриминација по основ на пол и род – 19 %. Следни основи според бројноста се: етничка припадност – вкупно 18 %, политичка припадност – 17%, здравствена состојба – 16 %, сексуална ориентација и родов идентитет – 16 %, личен или општествен статус – 16 %, возраст – 8 %, социјално потекло – 7 %, образование – 7 % итн.

Од вкупниот број поднесени претставки најзастапена е областа работа и работни односи – 41 %, потоа следуваат претставки паради дискриминација во областа на пристапот до добра и услуги – 25 %, медиуми и јавно информирање – 22 %, 14 % во областа на образованието, науката и спортот и 10 % во областа на социјалната сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјалната заштита, пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување и здравствената заштита итн.

Во текот на 2017 година Комисијата за заштита од дискриминација донесе 84 мислења, од кои во 19 случаи утврди дискриминација и на дискриминаторите им даде препорака да ја отстранат, а во 29 мислења е утврдено дека нема дискриминација. Комисијата не постапи по 31 претставка поради немање надлежност, 1 претставка е спогодбено решена, а во 4 случаи Комисијата ја запре постапката.

Во текот на 2017 година, велат од Комисијата, од вкупниот број предмети со утврдена дискриминација и со дадена препорака за нејзино отстранување, за жал, само 6 дискриминатори го исполниле членот 28 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, односно ја известиле Комисијата дека ја отстраниле дискриминацијата.

„Од поднесените претставки може да се увиди дека дискриминацијата од страна на поединци најчесто е свесно направена, каде што со одредени изјави или однесувања се нарушува достоинството на едно лице или група на лица поради нивните лични карактеристики“, истакнуваат од Комисијата за заштита од дискриминација.

Од Комисијата во Годишниот извештај изразуваат жалење што на национално ниво не е воспоставен единствен и централен систем на собирање, евидентирање и анализирање на податоци на дискриминација и правна заштита од дискриминација, со кој ќе се обезбеди формирање на еден вид база на податоци потребни за континуирано следење на дискриминацијата.

„Сепак, и покрај нашата работа во последните седум години, како и работата на другите надлежни институции, според резултатите од спроведени анализи и истражувања, како и според нашите извори на податоци, во текот на 2017 година во општеството на нашата држава сѐ уште е актуелно мислењето и перцепцијата на граѓаните за постоењето на дискриминацијата и кршењето на човековите права“, посочуваат од Комисијата, од каде што препорачуваат дека е потребно сите надлежни органи, во согласност со своите овластувања и со координирана работа, да дејствуваат во потиснување на медиумската промоција на говорот на омраза, насилството, нетолеранцијата и дискриминаторските ставови, посебно јавните радиодифузни сервиси и јавните претпријатија.

„Тие да бидат главни промотори на идејата за еднаквост, толеранција и недискриминација, така што преку своите дејствувања да придонесат активно да се подигне јавната свест за проблемот на дискриминацијата, како кај граѓаните така и кај сите релевантни чинители во општеството, да се сфати концептот на антидискриминација, како и да се придонесе за промени на социјалните и културните модели кои се базирани на стереотипите и предрасудите кон малцинствата и маргинализираните групи во општеството“, истакнуваат од Комисијата, од каде што бараат и поголеми финансиски ресурси и кадровска екипираност.

М.В.