/ Прочитано:

1.992

Народната банка има превентивна функција, а други државни органи треба да спречат евентуални незаконски трансакции кон офшор-земји

„Ние веруваме во системот за контрола. Немаме наоди за некакви незаконски дејствија, но секако доколку имаме индиции дека има некакви сомнителни сметки од Македонија во Панама, ќе обрнеме внимание во нашите следни контроли во следната ревизија и ќе ги испитаме сите трансакции како нов примерок за проверување на ризикот“, вели Богов.

nbrm-narodna-banka-na-rm-nbrm.jpg

Народната банка во рамките на својата супервизија на комерцијалните банките, која ја врши еднаш годишно, врши контрола дали пријавуваат сомнителни трансакции банките кај надлежниот орган, во случајов Управата за финансиско разузнавање, но нема обврска да ги собира тие податоци бидејќи надлежноста за постапување, доколку има евентуални незаконски трансфери на пари, е во рацете на Управата, велат од Народната банка на Република Македонија.

Главната задача на супервизијата од страна на Народната банка е да обезбеди банките да имаат ефикасни системи за намалување на ризиците – кредитниот ризик и ризикот од перење пари и финансирање на тероризам, појаснува гувернерот Димитар Богов.

„Доколку има криминал кај кредитниот ризик, се знае кој постапува. Доколку е ризикот од перење пари, Управата е органот што е надлежен, а не Народната банка. Таа треба да се грижи за тоа ваквите ризици во банките да бидат сведени на минимум“, вели Богов.

Доколку постојат незаконски трансакции кај одредена банка и доколку биде утврдено тоа од надлежните институции, Народната банка во своите надлежности презема строги санкции кон банката, кон менаџментот и кон акционерите на банката, но, како што вели Богов, досега не се случило такво нешто во земјава.

Димитар Богов, гувернер на НБРМ

Ризикот, намерен или ненамерен, пропустот или грешката на човек, клиент или вработен во банката можат да ја доведе банката во големи загуби.

Народна банка при вршењето на супервизија на банките ги оценува системите за спречување перење пари и финансирање тероризам кои ги има конкретна банката.

„При супервизијата се врши оценување  на интерните банкарски акти, на софтверските апликации, на системите за известување, на известувањата на банката до Управата за финансиско разузнавање и тука завршува улогата на супервизија на една банка од страна на Народната банка“, велат од НБРМ.

Ризикот се испитува врз основа на еден примерок кој го утврдуваме ние и кој го тестираме низ сите акти, низ софтверски апликации и слично, при што сакаме да оцениме две работи: колку е банката изложена на овој ризик, односно дали има инхерентен вграден ризик и дали постојат контролни механизми во самата банка за контрола на ваквиот ризик.

„Прашањето за офшор-земјите и географскиот ризик е посебно акцентирано и бараме да биде вклучено во утврдување на нивото на ризик за секој клиент. Тоа го бараме кога се воспоставува деловниот однос, но и постојано бараме да се следи во текот на деловниот однос. Клучно за сето ова е банката да го познава својот клиент со кого работи и при првиот момент на склучување на договор потребно е да има анализа на самиот клиент, на целта и на намерата на деловниот однос, на идентитетот и она што е ново е дека тој мора да се верификува преку сигурен и независен извор“, велат од Народна банка.

Исто така, наведуваат дека наводите за вакви ризици во минатото биле почести, но со текот на времето тие се сѐ помали. Причината за намалувањето на  ризиците од незаконските трансакции не е поради спречувањето на одредени незаконски трансакции, туку е резултат на подобрувањето на системите за алармирање за одредени незаконски трансакции.

Народната банка го следи и односот на банките со Управата за финансиско разузнавање, каде што треба да се пријавуваат евентуалните сомнителни трансакции, но тие податоци не доаѓаат до Народната банка, потенцираат од Банката.

„За сомнителните трансакции банките се задолжени да ја известуваат Управата за финансиско разузнавање. Она за што нас нѐ известува секоја банка е дека пријавила сомнителни трансакции, но банките немаат должност да нѐ известуваат каква е таа трансакција“, велат од НБРМ.

Во однос на информациите што се појавија минатата недела од истражувањето за „Панамските документи“, Богов вели дека досега ниту една институција не побарала помош од Народната банка.

Народната банка има превентивна функција, потенцираат оттаму и додаваат дека веруваат во подготвеноста на останатите институции во земјава за откривање на ваквите случаи.

„Ние веруваме во системот за контрола. Немаме наоди за некакви незаконски дејствија, но секако доколку имаме индиции дека има некакви сомнителни сметки од Македонија во Панама, ќе обрнеме внимание во нашите следни контроли во следната ревизија и ќе ги испитаме сите трансакции како нов примерок за проверување на ризикот“, вели Богов.

М.С.