/ Прочитано:

2.386

Новиот Закон за јавните набавки го промовира концептот на одржливи јавни набавки – Кирил Каранфилов, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки

Новиот Закон за јавните набавки е со висок степен на усогласеност со европската регулатива, но со оглед на бројните и значајни новини во законските решенија, кои се во собраниска процедура, се очекува и зголемен обем на работа на Комисијата. Една од клучните новини во Законот е концептот на одржливи јавни набавки, вели за Академик Кирил Каранфилов, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки и долгогодишен експерт од областа на јавните набавки.

Новиот претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, кој е правник и магистер во областа на јавните набавки, своето постдипломско образование го оформува на Универзитетот во Торино во Италија и го продолжува на Правниот факултет во Белград. Како одличен познавач на проблематиката на јавните набавки, Кирил Каранфилов бил соработник и советник за унапредување на системот за јавните набавки во Министерството за финансии и во Бирото за јавни набавки.

Новиот Закон за јавните набавки ќе биде голем предизвик од аспект на практиката

„Новиот Закон за јавните набавки е целосно усогласен со директивите на ЕУ од 2014 година и ги следи сите промени и трендови на ниво на ЕУ. Како држава, и до 2012 година бевме со високо ниво на усогласеност со директивите на ЕУ, меѓутоа со подоцнежните чести законски измени отстапивме од таа усогласеност. Меѓутоа, сега со новите решенија, кои се во собраниска процедура, повторно ја имаме усогласеноста со европската регулатива. Сепак, за самиот закон најважна ќе биде неговата имплементација и одењето на потешкиот дел – како ќе биде применет во практиката. Законот промовира концепт кој е многу развиен во западните земји. Имено, станува збор за одржливи јавни набавки, и токму затоа голем дел од законот го акцентира т.н. животен век на јавните набавки, односно промовира највисока вредност за вложените средства. Новите законски решенија имаат бројни иновативни концепти. Договорните органи ќе имаат можност да се определат за економски најповолната понуда или за најниската цена, но со акцент ставен на  квалитетот, решение кое постоеше и во минатото“, образложува Каранфилов.

Во таа насока, додава Каранфилов, клучен елемент во Законот за јавните набавки е и обезбедувањето на највисоката вредност за вложените средства. Во таа смисла, идејата е да постои еден вид на општествена одговорност, и затоа низ одредбите на Законот за јавните набавки на некој начин се промовира ова начело, кое ќе треба да најде и свој практичен израз.

„Несомнено, практиката ќе биде вистински предизвик за законот. Практиката сега ќе треба да се создава, и значајно од практичен аспект во тој контекст ќе биде какви помошни алатки ќе бидат изработени од аспект на евалуацијата на критериумите и спецификацијата. Има многу материјали и практика од ЕУ во врска со овие прашања. Лично се заложувам да не се оди на строго копирање и преземање готови решенија, туку на адаптирање на реалната ситуација и на пазарните услови. Тоа се многу специфични моменти. На пример, во таа насока, треба да се види колку ќе бидат подготвени за тие решенија економските оператори со цел да се избегне ограничување на конкуренцијата. Не е идејата преку промовирање на еден принцип да се ограничи пазарот и да згаснат голем број деловни субјекти. Неопходно ќе биде да се гради партнерски однос помеѓу економските оператори и договорните органи и заедно да се создава праската. Затоа предизвикот ќе биде сите субјекти да направат пресврт од најниската цена до економски најповолната понуда. Сè додека ова биде објективно поставено, нема да има проблеми“, вели Каранфилов.

Одржливите јавни набавки се сериозен процес и концепт

Одржливите јавни набавки се сериозен процес и концепт кој се развива на ниво на ЕУ во изминатиов период од 20 години. Почетоците, образложува Каранфилов, беа со директивите за јавни набавки од 2004 години за денеска да имаме нови директиви за јавни набавки од 2014 година, со кои не само што се даде континуитет на овие политики, туку истовремено се зацврсти идејата за нивна задолжителна примена и реализација во пракса.

Иако овој концепт за одржливи јавни набавки беше познат во Република Македонија, многу малку беше експлоатиран и применуван во минатото. Ова е од причина што постоеја законски пречки и невидливи иницијативи тој да се имплементира во пракса. Актуелниот Закон за јавни набавки, кој предвидува единствен критериум за доделување договор за јавна набавка да биде најниската цена, е во целосна спротивност со општоприфатените политики за одржливи јавни набавки. Новиот Закон за јавни набавки  во Република Македонија, кој е во фаза на финализација, ги предвидува и ги промовира политиките за одржливи јавни набавки како задолжителен процес во насока на подобрување на ефикасноста и ефективноста на целиот национален систем за јавни набавки.

„Бројките во поглед на средствата што се трошат во јавните набавки во Република Македонија не се разликуваат во голема мера од просекот во ЕУ. Имено, во 2016 година вкупната вредност на склучени договори за јавни набавки изнесува 58,8 милијарди денари (приближно 956 милиони евра), односно 30% од годишниот буџет за 2016 години или 10% од БДП на Република Македонија. Овие вредности претставуваат солидна основа за сериозни инвестиции во одржливи јавни набавки“, додава Каранфилов.

Нови законски дефиниции за промовирање на политиките за одржливи јавни набавки

Новиот Закон за јавни набавки, вели Каранфилов, предвидува многу нови дефиниции и концепти кои се во насока на промовирање на политиките за одржливи јавни набавки, на пример:

Животен век – сите последователни и/или меѓусебно поврзани фази, вклучувајќи ги потребните истражување и развој, производство, трговија согласно условите, превоз, користење и одржување во текот на постоењето на производот или градбата или обезбедувањето на услугата, од стекнување на суровината или генерирање на ресурсите до расходување, уништување или завршување на услугата или употребата;

Пресметка на трошоците во животниот век – трошоци за набавка, купување; трошоци за користење, како што е потрошувачката на енергија и други ресурси; трошоци за одржување; трошоци поврзани со расходување, како што се трошоци за собирање и рециклирање;

Трошоците за отстранување на влијанието на стоките, услугите или работите врз животната средина во текот на нивниот животен век доколку може да се утврди и да се провери нивната парична вредност, а кои може да вклучуваат трошоци од емисии на стакленички гасови и други загадувачи, како и други трошоци за ублажување на климатските промени.

Иновација – имплементација на нов или значително подобрен производ, услуга или процес, вклучувајќи ги процесите на производство и изградба, нов метод на пласман на пазарот или нов метод на организација во деловната пракса, организација на работното место или организација на надворешните односи, со цел да се помогне во решавањето на општествените предизвици;

Резервирани договори – Договорниот орган може да го резервира правото на учеството во постапка за јавна набавка на економски оператори чија основна цел е општествена и професионална интеграција на лицата со попреченост или на лицата од социјално ранливите групи и кои ја реинвестираат добивката за таа цел согласно закон итн.

Ова се само дел од новините кои се предвидени со новиот Закон за јавните набавки, а се во насока на промовирање и имплементирање на политиките на одржливи јавни набавки. Новиот Предлог-закон за јавните набавки ќе биде со висок степен на усогласеност со Директивата за јавни набавки во класичниот сектор 24/2014 и со Директивата за јавни набавки во секторската дејност 25/2014.

Политиките за одржливи јавни набавки се дел и од пошироките стратегии

Политиките за одржливи јавни набавки се дел и од пошироките стратегии за одржлив развој и други хоризонтални политики. Одржливите јавни набавки се спомнуваат и во Стратегијата за индустриска политика  од аспект на развивање на зелени индустрии, во политиките и процедурите на Фондот за иновации и технолошки развој, Зелени индустриски зони итн.“, вели Каранфилов.

Новите регулативи во поглед на енергетската ефикасност, кои се во фаза на изработка, во рамките на спроведувањето на постапки за јавни набавки предвидуваат сите договорни органи дефинирани во согласност со прописите кои ги уредуваат јавните набавки при објавување на оглас за јавна набавка на стоки и услуги да имаат обврска да ја утврдат енергетската ознака или нивото на потрошувачка на енергија на стоките или услугите кои се набавуваат како задолжителен критериум за избор на најповолната понуда.

„Иако не се дел од Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018 – 2021 и Стратегијата за развој на електронскиот систем за јавни набавки во Република Македонија 2016 – 2020, овие политики се иднината на одржливиот развој на долг рок. Програмата опфаќа целосна реформа на системот на јавните набавка и дава општ приказ на идните активности. Значајна активност која е предвидена е воведување на т.н. ‘црвени знаменца’, односно антикорупциски индикатори, кои ќе се однесуваат на интегритетот во спроведување на постапките за доделување на договори за јавни набавки со показатели на успешност. Оваа активност е предвидено да се интегрира преку ЕСЈН, како платформа за спроведување на постапките за доделување на договори за јавни набавки, која располага со огромна база на податоци со кои може да се направат добри анализи и проекции во насока на ефективно и рационално искористување на буџетските средства. Новите алатки е-пазар за мали набавки и е-каталози се во функција на олеснување на постапките за доделување на договори за јавни набавки и намалување на бирократските процедури. Сите овие активности се во фаза на развој и сè уште нема јавни податоци за начинот како ќе изгледаат во пракса. Со оглед на фактот дека Законот е веќе во постапка на носење, се очекува овие алатки да бидат функционални на почетокот на вториот квартал од 2019 година“, додава Каранфилов.

Развиените земји по долгогодишно инвестирање во одржливи јавни набавки денеска ги чувствуваат позитивните ефекти

„Многу поразвиени земји од Република Македонија по долгогодишно инвестирање во одржливи јавни набавки денеска ги чувствуваат позитивните ефекти. Ние сме во предност со самиот факт што некој пред нас го изодел тој пат. Наша обврска и должност е да ги приспособиме и да ги примениме постојните практики и алатки.

Со оглед на тоа, активности се преземаат на повеќе полиња и се создаваат услови за сè поактивно инволвирање на сите фактори во процесот на промовирање и имплементирање на политиките за одржливи јавни набавки. Она што недостасува е едукација и информираност на оние коишто треба да ги спроведуваат овие политики во пракса. Искуството покажува дека неопходна е континуирана едукација со цел остварување на повисоките цели. Неофицијалните анализи и истражувања покажуваат дека многу мал дел од договорните органи имаат познавање и се подготвени за имплементирање на одржливи јавни набавки.

Секако, многу важен момент претставува и политичката волја, без која ниту една мерка или активност не може да се спроведе во реалност.

Во иднина нè чека напорна работа, доколку сакаме барем малку да ги почувствуваме позитивните ефекти кои може да се обезбедат со спроведување на политиките за одржливи јавни набавки“, вели Каранфилов.

Можно е да се зголеми бројот на жалби пред Државната комисија

Комисијата, додава претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, е пред голем предизвик и очекувам да се соочиме со многу грешки од страна на субјектите во фазата на евалуација на понудите и поставеноста на критериумите.

„Можно е да се зголеми бројот на жалби, со оглед на бројните законски новини, на што укажуваат и досегашните практични искуства, но затоа и се прават советувањата за овие реформи, а сè со цел навремена подготовка за правилна примена на новите законски решенија“, вели Каранфилов.

Претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки истакнува дека во понатамошниот период e потребно да се реализира и подготовката на прописите поврзани со Законот за јавните набавки, но и креирање на алатките кои ќе го олеснат самиот процес.

„Битна новина е промоцијата на нови алатки во електронскиот систем за јавни набавки, како на пример воведувањето на е-жалбата. Идејата е одлична и е во насока на овозможување на потранспарентни јавни набавки“, нагласува Кирил Каранфилов, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, кој на 31.1.2019 ќе биде предавач на обуката „Спроведување постапки за јавни набавки во согласност со новиот Предлог-закон за јавните набавки“, во организација на Академик.

Се воведуваат е-планови и е-жалби за потранспарентни јавни набавки

Министерството за финансии во врска со реформите и јавните финансии

Бирото за јавни набавки ќе врши контрола на ризиците од корупција при јавните набавки

Предлог-законот за јавните набавки пред Законодавно-правната комисија

Новините за јавните набавки образложени на комисиска расправа во Собранието на РМ

Новиот Закон за јавните набавки во собраниска процедура

Анализа за транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки

Многу ниска конкуренција на локалните тендери

Најниската цена, задоцнетото плаќање и обемната документација – проблеми за фирмите при јавните набавки

Намалување на бројот на предмети пред Државната комисија за жалби по јавни набавки

Дебата за Нацрт-законот за јавни набавки: Најавени транспарентни постапки, но и посебен закон за набавки од областа на одбраната и безбедноста

Правото на жалба и битните повреди на законот во Нацрт-законот за јавните набавки

Дел од решенијата предложени во Нацрт-законот за јавни набавки отвораат повеќе дилеми за градежниците

ЈАВНА ДЕБАТА ЗА НОВИНИТЕ ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ: „Новиот закон ќе го подобри квалитетот на јавните набавки“

ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ЗАКОНСКИТЕ РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ: Покрај најниската цена, да се вреднува и квалитетот

Новата алатка која овозможува отворени податоци на електронскиот систем на јавни набавки

Објавен е текстот на Предлог-законот за јавните набавки кој е во фаза на подготовка

Огромни разлики во цените по кои се купувани исти производи и услуги

Во подготовка измени на Законот за јавните набавки

М.В