/Прочитано:

601

Обвиненија за настаните во Собранието

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвиненија до Основниот суд Скопје 1 против 30 лица за насилствата кои се случија во Собранието минатата година на 27 април. 28 обвинети се товарат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а двајца се обвинети за помагање во извршување на истото кривично дело. Како што соопштија од Обвинителството, меѓу обвинетите има пратеници, организатори на протестот од иницијативата „За заедничка Македонија“ и вработени во Министерството за внатрешни работи. Обвинителството ја запре постапката против пратеничката Жаклина Пешевска, која беше осомничена за упадот што се случи во Собранието на 27 април. Оттаму посочија дека постапката за Пешевска е запрена бидејќи не се обезбедени докази за сторено кривично дело.

Како што истакна денеска јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески, обвинетите ги загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство, со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Опсежната истрага утврдила дека обвинетите дејствувале со иста цел.

„Ве уверувам дека Обвинителството ќе продолжи да постапува во согласност со законот, имајќи предвид дека гонењето го врши во јавен интерес, и заради тоа неговата активност е насочена, пред сè, пред лицето на правдата да ги донесе сите кои сториле кривично дело и секој да одговара за тоа што го сторил, обезбедувајќи го принципот на правна сигурност како еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото“, изјави Јовески на денешната прес-конференција.