/ Прочитано:

1.441

ОБВИНИТЕЛСТВО: Досега на Економскиот факултет е документиран поткуп од вкупно 2 800 евра

Обвинителката истакна дека сите осомничени се звучни имиња, интелектуалци кои и` се познати на јавноста и дека дополнително таа би ги соопштила имињата на сите, иако го спомна само Шуклев, но потенцираше дека нема да ги елаборира доказите и исказите, иако таа најмногу има желба за тоа, за да покаже дека и моралот и правото би биле задоволени со проследување на доказите.

Јавен обвинител Лидија Раичевиќ

Предистражната постапка за коруптивните дејствија на Економскиот факултет траела две години, но критичниот ден кога полицијата ја спроведе акцијата е откако Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое го води случајот, добило сигурна дојава дека ќе се случи примопредавање на поткуп.

Ова денеска го потврди обвинителката Лидија Раичевиќ, која го води случајот.

„Најпрво сакам да истакнам дека полициската акција на универзитетскиот кампус во никој случај не претставува нарушување на автономијата на Универзитетот. Законот за високо образование во член 14 став 1 прецизно наведува дека е неповредлив просторот на Универзитетот, но од оваа одредба има отстапка која се однесува на тоа дека полицијата може да влезе на Универзитетот доколку има сериозни сомневања дека таму се вршат кривични дела или дека во тек е извршување на кривично дело или какво било друго противзаконито дејствување“, истакна Раичевиќ и потенцира дека и таа смета оти автономијата не значи и автономија за извршување на кривични дела.

Групата од осум лица: шест професори, еден демонстратор и сопственикот на бифето делувала организирано и била следена со посебни истражни мерки во текот на 2015 и 2016 година. Коруптивните дела за кои постоело сомневање дека се одвиваат на Економскиот факултет се сложени  кои се одвиваат тајно поради што Обвинителството спровело посебни истражни мерки, но, како што потенцираше Раичевиќ, покрај ПИМ постојат и голем број други докази. Крајното спроведување на акцијата на универзитетскиот паркинг, во понеделникот, се случило бидејќи тогаш била добиена најава за противзаконито дејствување, а целата операција била изведена за половина час со наредба издадена од јавниот обвинител.

„Тие посебни истражни мерки резултираа, заедно со голем број на други докази, со реализација односно акција којашто се спроведе критичниот ден кога професорот Бобек Шуклев беше задржан на паркингот пред просторот на Универзитетот“, рече Раичевиќ, која подоцна појасни дека професорот Шуклев бил фатен шест минути по примањето на поткупот од 1 000 евра, обележани пари, кои биле пронајдени во неговиот автомобил.

Обвинителката истакна дека сите осомничени се звучни имиња, интелектуалци кои и` се познати на јавноста и дека дополнително таа би ги соопштила имињата на сите, иако го спомна само Шуклев, но потенцираше дека нема да ги елаборира доказите и исказите, иако таа најмногу има желба за тоа, за да покаже дека и моралот и правото би биле задоволени со проследување на доказите.

Обвинителството најпрво со кривичната пријава предложило мерка притвор за осомничените, но откако добило податоци од МВР за здравствената состојба на осомничените, нивната семејна положба, плановите за евентуални патувања, нивниот професионален ангажман и опасноста од бегство, предлогот до судијата на претходна постапка го преиначиле и побарале определување мерки за претпазливост.

Вчера судијата со претходна постапка на петмина осомничени во акцијата „Еразмус“ им определи мерки за претпазливост, односно обезбедување присуство со одземање патна исправа и обврска за редовно јавување кај надлежен орган.

„Тоа што овие мерки во моментов делуваат благи кон осомничените, сакам да истакнам дека воопшто не значи тоа. Суштината на делата е многу тешка, се работи за посебни групи на жртви, студенти, кои во подолг период имале притисок и не можеле испитите да ги полагаат на регуларен начин. Со сета заложба овој предмет ќе ја добие својата тежина и тоа што значи кривично дело корупција, злоупотреба на службената положба, затоа што не само примањето и давањето на поткуп, туку и воопшто, извршувањето на службените должности го вршеле на овој начин“, рече Раичевиќ.

За останатите тројца осомничени, степенот на основите на сомнението и длабочината на противправните дејствија не е толкава за Обвинителството да одлучува дали да ги задржи и дали нивното присуство ќе биде задолжително, истакна обвинителката.

Раичевиќ вели дека досега Обвинителството документирало поткуп од 2 800 евра, а во текот на истражната постапка се очекува да биде дефинирана сумата и крајно.

Покрај за барање поткуп, обвинителството во вчерашното соопштение информираше дека постојат сомневања дека биле барани и сексуални услуги.

„За двајца осомничени постојат докази дека барале сексуални услуги, но тоа се сомненија. Ние имаме докази, но сферата којашто се штити во овој случај, а тоа е индивидуалната полова слобода и определеност, и токму од тие причини бараме поголемо внимание додека не се докаже во судска постапка ова да не биде експлоатирано во јавноста“, рече обвинителката и додаде дека овие дела биле документирани преку лица со прикриен идентитет.

М. С.

АКЦИЈА „ЕРАЗМУС“: Професорите барале поткуп од 500 до 1 000 евра за да им напишат преодна оценка на студентите