/ Прочитано:

1.606

Потпишан Меморандум за соработка меѓу Уставниот суд и Центарот за правни истражувања и анализи

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Никола Ивановски и претседателот на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова Зафировска, потпишаа Меморандум за соработка. Потпишувањето се случи на отворањето на настанот на кој беше презентирано истражувањето „Видливост на Уставниот суд при носење одлуки со посебен фокус кога одлучува за заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот“.

Целта на овој Меморандум е зајакнување на досегашната соработка помеѓу Уставниот суд на Република Македонија и Центарот за правни истражувања и анализи во насока на остварување на заедничките цели и заложби.

Страните потписнички се договорија дека ќе соработуваат во насока на унапредување на независноста и самостојноста на судиите, изработка на проектни идеи и нивна имплементација во согласност со потребите, унапредување на регионалната соработка и јакнење на капацитетите на судот, промовирањето на принципот пристап до правда за сите, како и исполнувањето на меѓународните стандарди.

Изработката на истражувањето е дел од проектот „Зголемена видливост на работата на Уставниот суд“ и е финансиран од програмата на „Цивика мобилитас“.

Во врска со  истражувањето „Зголемена видливост на работата на Уставниот суд“, во своето воведно обраќање претседателот на Уставниот суд изрази задоволство од интересот кој го пројавил Центарот за работата на судот, истакнувајќи ги притоа своите ставови за напорите кои ги вложува судот за да ја подобри видливоста во својата работа и пречките со кои се соочува, како и востановената практика. Последователно,  претседателката на Центарот им се обрати на присутните и истакна дека главна цел на истражувањето е да се зголеми видливоста на работата на Уставниот суд, особено во делот на одржување јавни расправи по барањата за заштита на правата и слободите на човекот и граѓанинот, предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на РМ.

Истражувањето беше презентирано од правниот истражувач Александра Цветановска и тоа вклучува анализа на податоците од годишните извештаи на Уставниот суд во однос на барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и сортирање на квантитативните податоци со број на одржани јавни расправи споредбено со постапувањето на Уставниот суд по предмети. Во рамките на ова истражување, беа спроведени кратки интервјуа со истакнати правни експерти. Интервјуата беа реализирани со цел да се добие одговор на прашањата и ставовите  во однос на видливоста на Уставниот суд, механизмите за нивно подобрување поврзано со одржувањeто на јавните расправи, одржувањето на jавни расправи како практика, или пак исклучок, деловникот на Уставниот суд и параметрите при одлучување за одржување на јавни расправи во постапките по поднесени барања за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Сублимираните заклучоци покажуваат дека Уставниот суд навремено ги објавува сите свои одлуки и решенија на својата интернет страница. Одлуките и решенијата се лесно достапни и системот за пребарување е целосно функционален што придонесува значително за зголемување на видливоста на судот. Од извештаите на Уставниот суд може да се заклучи дека постои недоволен интерес од судот за неговата застапеност во медиумите. На страницата на судот нема информации за организирање на конференции за печат и за издавање на билтени. Податоците добиени од Уставен суд на РМ укажуваат дека  во најголемиот број од постапките по поднесените барања за заштита на слободите и правата не се одржува јавна расправа.

По презентирањето на истражувањето беше отворена дискусија во насока на добивање препораки и решенија за добри практики, со цел да се зајакне правната сигурност и да се подобри работата на Уставниот суд. На настанот присуствуваа судиите и стручните соработници на Уставниот суд, како и дел од интервјуираните експерти.

М.В