/ Прочитано:

3.860

ПРАВОТО НА ЗДРАВЈЕ И ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА: 7 април – Светски ден на здравјето

Комитетот за економски, социјални и културни права во состав на Обединетите нации го утврдил правото на здравје и здравствена заштита во пошироко сфаќање како обезбедување здрава вода за пиење, безбедна храна, обезбедување адекватни живеалишта за луѓето, едукација во врска со здравјето и здравствена заштита и обезбедување здрава животна средина.

Илустрација

Правото на здравје и здравствена заштита е глобално човеково право. Ова право на човекот, во потесна смисла, се сфаќа како право на здравствена заштита и пристап до установите за лекување. Во поширока смисла, тоа опфаќа и други фактори кои го детерминираат ова право како едно од основните човекови права.

Комитетот за економски, социјални и културни права во состав на Обединетите нации го утврдил тоа пошироко сфаќање како обезбедување здрава вода за пиење, безбедна храна, обезбедување адекватни живеалишта за луѓето, едукација во врска со здравјето и здравствена заштита и обезбедување здрава животна средина.

Обединетите нации досега имаат донесено голем број на конвенции кои го гарантираат ова човеково право. Во Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација против жените од 1979 година, во членот 12 се наведува дека треба да се елиминираат сите форми на дискриминација против жената кога се работи за здравствената заштита и таа треба да биде еднакво достапна и за жените и за мажите. Во ставот 2 од овој член се наведува дека на жената треба да ѝ се обезбедат соодветни услови во текот на бременоста и за време на пораѓањето, гарантирајќи слободни и бесплатни услуги онаму каде што е тоа неопходно.

И Конвенцијата за правата на децата, усвоена на 20 ноември 1989 година, го признава правото на здравје и здравствена заштита во членот 24, во кој се вели дека ова право треба да биде проследено со највисоки стандарди, со обезбедување установи за третман на разни болести и рехабилитациони услови.

Целта на овој член е да се намали смртноста кај децата и адолесцентите, да осигури примарна здравствена заштита, да спречи појава на болести и недостиг од храна за децата, да осигури соодветна родителска и здравствена заштита за децата и нивните мајки и да придонесе целото општество да го сфати и навреме да биде информирано за значењето на ова право.

Државите имаат генерална обврска да ги заштитат своите граѓани и да им овозможат соодветна здравствена заштита кога ќе им биде потребна. Во меѓународната Повелба за економски, социјални и културни права, која била усвоена на 16 декември 1966, а стапила на сила на 3 јануари 1976 година, во членот 2 е наведено дека секоја држава потписничка на оваа Повелба се обврзува да преземе чекори кон обезбедување на доволно ресурси за остварување на правото на здравје и здравствена заштита, како и овозможување на меѓународна помош и соработка кога ќе биде потребно.

Во ставот 2 од овој член, државите потписнички гарантираат дека ова право на човекот е гарантирано и дека тоа ќе се остварува непречено и без дискриминација во однос на расата, полот, бојата на кожата, религијата, политичката припадност, социјалниот статус и националното потекло.

Република Македонија, како членка на Обединетите нации, преку законодавството обезбедува гарантирање на ова право за граѓаните. Според Законот за здравствена заштита, здравствената дејност се врши на примарно, секундарно и терцијарно ниво и е дејност од јавно значење.

Здравствени услуги вршат здравствени работници, а определени работи во здравствената дејност можат да вршат и здравствени соработници кои ги исполнуваат законските услови.

Здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи. Република Македонија е надлежна за остварувањето на здравствената заштита во мрежата на здравствени установи во која се врши здравствена дејност под услови утврдени со закон.

Здравствената заштита се заснова врз единството на превентивните, дијагностичко- терапевтските и рехабилитационите мерки и врз начелата на достапност, ефикасност, континуираност, правичност, сеопфатност и обезбедување на квалитетен и сигурен здравствен третман.