/ Прочитано:

4.957

Работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци

Работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци, се пропишува во Законот за безбедност и здравје при работа.

Видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи, на предлог на министерот надлежен за работите од областа на трудот, по претходно мислење од министерот надлежен за работите од областа на здравството, ги уредува Владата на Република Северна Македонија.

Висината на трошоците за здравствените прегледи, која ќе се определи во  ценовникот, се утврдува врз основа на видот, начинот и обемот на вршење на здравствените прегледи.

Овластената здравствена установа, се пропишува во законот, е должна да ги врши здравствените прегледи во согласност со видот, начинот, обемот и ценовникот од прописот.

Овластената здравствена установа е должна да ги врши здравствените прегледи во согласност со стандардниот минимум кој е задолжителен за сите систематски, претходни, насочени и периодични прегледи, кој се состои од:

– анамнестички податоци (работна анамнеза, главни тешкотии, сегашна болест, фамилијарна анамнеза, лична анамнеза и социјалноепидемиолошки податоци),
– статус по системи и антропометрија (телесна маса, телесна висина и индекс на телесна маса),
– основни лабораториски анализи, и тоа: седиментација, крвна слика (еритроцити, хемоглобин, хематокрит, леукоцити, гликемија, холестерол, триглицериди), урина, шеќер, протеини, билирубин, уробилиноген, седимент,
– испитување на функцијата на видот (острина на видот за близина и далечина),
– аудиометрија,
– спирометрија,
– ЕКГ (12) одводи и
– радиофотографија на граден кош – по одлука на лекарот.

Инаку, на глобално ниво денеска се одбележува Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа. Од ССМ денеска побараа ковид-19 да се признае како професионално заболување. Во рамки на одбележувањето на денешниот ден, од ССМ објавија и промотивно видео за здравјето на работниците и заштитата од ковид-19.

Синдикатите бараат ковид -19 да се признае како професионално заболување

М.В