/ Прочитано:

2.779

Претседателот Иванов ќе предложи двајца уставни судии на местото на Габер-Дамјановска и Старова чиј мандат истече

Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, до крајот на неделата до Собранието на Република Македонија ќе достави предлози за избор на двајца уставни судии. Претседателот Иванов треба да предложи кандидати кои ќе дојдат на местото на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Г’зиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен суд по предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.

Покрај на Габер-Дамјановска и на Старова, мандатот во август годинава му истече и на судијата Исмаил Дарлишта, кој во 2008 беше избран по предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања. Засега нема предложено кандидат и за третото испразнето место, кое треба да биде пополнето по предлог на Собранието на Република Македонија.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Претседателот на Судот се избира од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.