/ Прочитано:

2.685

Презентација на кандидатката од француската правосудна академија Емили Петровски за нејзиниот стаж во правосудните институции во РМ

Емили Петровски, кандидатка од Државната правосудна академија (ЕНМ) од Република Франција, денеска во Академијата за судии и јавни обвинители ги изложи стекнатите искуства во рамките на тринеделниот стаж во правосудните институции на Република Македонија.

На презентацијата на кандидатката од Државната правосудна академија од Република Франција присуствуваа  претставници од Амбасадата на Република Франција, предавачи, ментори и завршени кандидати од редот на Академијата.

Целата на престојот на Емили Петровски, која е по потекло од Македонија, е реализација на потребниот стаж во странство бидејќи стажирањето во надворешни правосудни институции е пракса во Франција, со што на кандидатот му се дава можност да се запознае со правните системи во другите земји.

Во согласност со досегашната пракса за реализација на потребниот стаж на кандидатите од Државната правосудна академија од Република Франција, за престојот на  Петровски Академијата изготви посебна агенда, адаптирана на нејзиниот професионален интерес. Работната посета на Петровски е во рамките на соработката помеѓу Академијата и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија.

Емили Петровски, кандидатка од Државната правосудна академија (ЕНМ) од Република Франција

Директорката на Академијата,  Анета Арнаудовска, во своето обраќање истакна дека денешната презентација на кандидатот на Државната правосудна академија од Република Франција е настан кој веќе традиционално се одржува и дека е резултат на плодната соработката помеѓу македонската и француската академија.

„Нашата соработка, која е многу значајна и е меѓу врвните приоритети на Академијата, датира од 2007 година на планот на едукацијата и се остварува на ниво на повеќе компоненти, и тоа: преку организирање семинари, размена на студенти, овозможување на стаж во РМ за кандидатите од Франција, но и  испраќање наши кандидати во Школата од Бордо. Наше особено задоволство е што повторно од Република Франција имаме наша кандидатка, Македонка, која одлучи својот стаж да го реализира во Македонија“, истакна Арнаудовска.

Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние, истакна дека за француската амбасада прашањето за јакнењето на правдата е од исклучително значење.

„Огромно е моето задоволство што сум денес со вас и ѝ се заблагодарувам на Академијата за приемот што ѝ го обезбеди на нашата кандидатка. Академијата е наш стратешки партнер. Во мојот акционен план во целокупната соработка најголем акцент е ставен на јакнењето на државата, а за јакнењето на државата најважно е јакнењето на правдата. Потребни се судство и правда кои функционираат.  Во таа смисла, ние настојуваме да ја продлабочиме соработката со Академијата. Во месец декември се сретнав со директорот на Државната правосудна академија на Франција и тој ми вети дека оваа година ќе ја посети Македонија за уште повеќе да се прошири педагошката димензија на нашата соработка“, истакна францускиот амбасадор.

Кандидатката од Државната правосудна академија од Република Франција Емили Петровски на денешниот настан искажа големо задоволство поради реализирањето на својот стаж во Република Македонија и во нејзините правосудни институции.

„Уште кога започнував во Државната правосудна академија, значи уште кога ги направив првите чекори во Академијата, мојата желба беше да го реализирам својот стаж во Македонија. Ви благодарам многу што бевте цело време со мене додека траеше мојот стаж и што ми помогнавте многу. Ми помогнавте да ја реализирам мојата желба да дојдам во Македонија и тоа има големо значење за мене. Среќна сум што сум денес со вас и што ќе можам да ги споделам своите искуства од стажот, но и да ви ги предочам искуствата од едукацијата во Франција“, истакна Петровски, која во своето излагање компаративно ги елаборираше прашањата за законодавството, за работата на судството и за обвинителството.

Она што е од особено значење во Франција и што е императив за секој судија, нагласи Петровски, е прашањето на правосудната култура и етиката на судиите и обвинителите. Во Академијата во Франција, подвлече Петровски, многу се дава значење на логиката и на општата култура на еден судија.  Правната логика и правната култура се суштински за работата на еден судија и обвинител, но тие имаат голема улога и за развојот на правната свест, која пак е клучна за остварувањето на целите на правдата.

На денешниот настан беше најавено дека директорката на Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ќе добие одликување Витез од државниот ред за заслуги на Република Франција, кое го доделува претседателот на Република Франција. Одликувањето за Анета Арнаудовска беше најавено од страна на претставниците на Амбасадата на Република Франција и амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.

Академијата за судии и јавни обвинители досега на пет кандидати од Државната правосудна академија (ЕНМ) на Франција им овозможи да го реализираат својот стаж во Република Македонија, како дел од активностите кои се во рамките на Меморандумот за соработката помеѓу Академијата и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија.

Досегашната пракса, велат од Академија, покажа дека стажирањето е уште еден позитивен начин за да се усвојат нови знаења, но истовремено и преку размена на искуства да се промовираат правосудните системи на двете земји.

Минатата година, во посета на Академијата, а со цел стекнување на потребниот стаж за Државната правосудна академија на Франција, беше и Светлана Зашова, која позитивно ја оцени едукацијата во Академијата за судии и јавни обвинители во Македонија, додека пак за својот престој нагласи дека многу ѝ значи што нејзините сограѓани се гордеат на нејзините успеси како прва Македонка во Француската правосудна академија.

M.В