Презентирана Стратегијата за реформа на јавната администрација и прв состанок на Секретаријатот за реформи
Министерството за информатичко општество и администрација ја презентираше Стратегијата за реформа во јавната администрација за периодот од 2018 – 2022 и Акцискиот план, кои беа усвоени на последната седница на Владата. Целта на Стратегијата е да обезбеди ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација.
Ова, велат од МИОА, е прв документ за реформа во јавната администрација што во себе содржи акциски план, конкретни индикатори и буџет за реализирање на мерките. Стратегијата предвидува четири клучни области, како што се: креирање и развој на политики, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност и давање услуги и ИКТ-поддршка на администрацијата.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, вели дека во Стратегијата се предвидува и план за деполитизација на администрацијата, како еден од основните проблеми детектирани во изминатиот период. Тоа ќе се обезбеди преку унапредување на постапките за селекција, за вработување и за унапредување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман, како и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.
„За постигнување на поголема ефикасност и професионалност, ќе се редефинира системот за оценување на административните службеници. Ќе се постават основите за наградување според учинок за да може во подоцнежните фази од реформата тој да биде поврзан со системот на плати”, нагласува Манчевски.
Во однос на следењето и оценувањето на Стратегијата, МИОА се обврзува да доставува извештаи за спроведувањето на Акцискиот план до Советот и до Владата. Дополнително, во насока на обезбедување на транспарентност и инклузивност во процесот на следење и известување, ќе се одржуваат редовни средби со сите засегнати страни. Предвидени се јавни расправи за степенот на имплементација и постигнатите резултати на Стратегијата и за предлози за ревидирање на Акцискиот план. Јавните расправи ќе бидат отворени за сите засегнати страни.
Во врска со реформите во јавната администрација, на почетокот на оваа недела Секретаријат за реформа на јавната администрација го одржа првиот работен состанок. Раководителот на Секретаријатот, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, го отвори состанокот и се осврна на значењето на Секретаријатот за реализација на мерките предвидени во Стратегијата за реформа во јавната администрација.
Како што истакна Бајдевски, станува збор за работа што бара целосна посветеност, а резултатите ќе бидат од голема важност за сите граѓани на долг рок. Претставниците на институциите што се дел од Секретаријатот имаат клучна улога во водењето на реформите, мерките и активностите предвидени во СРЈА. Станува збор на континуиран процес, како еден од предусловите за влез во НАТО и во Европската Унија“, истакна Бајдевски.
Заменик-министерот Бајдевски се осврна на процесот на изработка на СРЈА, во кој беа вклучени сите заинтересирани страни и тоа во четири работни групи. На состанокот беа разгледани Нацрт-СРЈА и Акцискиот план. Присутните разговараа за предвидените активности, за конкретните задачи за реализација на зацртаните цели и за мониторингот на нивната реализација.
Во Секретаријатот од МИОА членуваат и државниот секретар Јахи Јахија и Билјана Николовска-Жагар, кабинетски советник за јавна администрација. Секретаријатот ќе биде во постојана комуникација со Советот за спроведување на СРЈА, со кој раководи претседателот на Владата, Зоран Заев, и има за цел да обезбедува стручна и техничка поддршка.
М.В