/ Прочитано:

1.553

Програми за социјалното претприемништво на Филозофскиот факултет

„Филозофскиот факултет е единствено место од цела држава, каде што постои програма за социјално претприемништво на додипломски, постдипломски и докторски студии. Предметот социјално претприемништво со години наназад им овозможува на генерации студенти успешно да се запознаваат со оваа важна област и непосредно да го применуваат своето знаење во практиката. Факултетот е секогаш отворен за соработка во сите проекти, чија цел е продлабочување на знаењето на студентите, за да стекнат дополнителни вештини, знаења и компетенции кои ќе им бидат од полза во понатамошната кариера“, изјави деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев.

На конференцијата „Јакнење на социјалното претприемништво“, на која беа презентирани можностите за развој на социјалното претприемништво во Македонија, а која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје, деканот Ратко Дуев истакна дека токму Филозофскиот факултет како високообразовна институција нуди бројни можности во оваа област.

„Филозофскиот факултет е единствено место од цела држава, каде што постои програма за социјално претприемништво на додипломски, постдипломски и докторски студии. Предметот социјално претприемништво со години наназад им овозможува на генерации студенти успешно да се запознаваат со оваа важна област и непосредно да го применуваат своето знаење во практиката. Факултетот е секогаш отворен за соработка во сите проекти, чија цел е продлабочување на знаењето на студентите, за да стекнат дополнителни вештини, знаења и компетенции кои ќе им бидат од полза во понатамошната кариера“, изјави деканот Дуев.

Професорот по социјално претприемништво, Јован Пејковски, смета дека финансиските институции не можат успешно да ги препознаат социјалните претпријатија во земјава. Според него, социјалните претпријатија се третираат како кој било друг бизнис во однос на критериумите за поднесување банкарски кредити.

„Во Македонија има социјални претприемачи и тие се формирани во разни облици, како трговски друштва, невладини организации, асоцијации и одредени здруженија на граѓани, но не се регистрирани во некаков облик во кој би требало законот да ги прифати како социјални претпријатија“, вели Пејковски.

Затоа, според професорот Пејковски, од исклучителна важност е да се согледа корисноста од постоењето на социјални претпријатија и нивно правно регулирање, а со тоа да се одвојат определени фондови и да се воведат поволни услови за отпочнување ваков тип активности.

Инаку, според Барбара Садовска од Полска, која е лидер на проектот „Јакнење на социјалното претприемништво“, социјалното претприемништво претставува еден вид солидарно движење, појаснувајќи дека профитот се реинвестира за натамошно јакнење на капацитетите на овие организации. Инаку, според проценките, во Македонија има околу 150 социјални претпријатија од кои само дел се регистрирани како такви.

А. Б.