/ Прочитано:

577

Промоција на кампањата за справување со непријавената работа

Кампањата за справување со непријавената работа, под слоганот „За да имаш подобар персонал – грижи се подобро за персоналот“ беше промовирана денеска.

На прес-конференцијата за промоција на кампањата се обратија министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, Фрек Јанмаат, раководител на Одделот за операции, Делегација на Европската Унија, Јована Тренчевска, директорка на Државниот инспекторат за труд, Владанка Трајковска, претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија и Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

На денешниот настан беше истакнато дека главната цел на кампањата е подигнување на свеста во јавноста, кај работодавачите и кај работниците за негативните последици од ангажирање на непријавени работници. Ангажирањето непријавени работници има негативни последици од правен, социјален и економски аспект.

Според МТСП, учеството на неформално вработените во вкупниот број на вработени во 2019 година изнесува 16,05 проценти и е намалено за 2,55 процентни поени во однос на 2018 година, или за 3,85 процентни поени во споредба со 2015 година.

„Тоа е позитивен тренд, кој ние ќе го продолжиме“, истакна министерката за труд, која информираше дека се работи за мерки за формализација и на сезонската работа, особено во земјоделството.

На регулирање на неформалната економија, нагласи министерката Шахпаска, се работи и преку мерката за активација на пазарот на трудот, во која се вклучени и центрите за социјална работа, кои заедно со АВРМ изработуваат индивидуален план за секое вработливо лице, а потоа преку преквалификација и доквалификација се создаваат услови секое вработливо лице да добие соодветно работно место.

Кампањата е во организација на Економско-социјалниот совет, со поддршка од Меѓународната организација на трудот, а финансирана од страна на ЕУ.

М.В