/ Прочитано:

3.166

Промовирано списанието „Јустиција“ во издание на ЕЛСА – Република Македонија

Европското здружение на студентите по право во Република Македонија на Правниот факултет„ Јустинијан Први“ го промовираше првиот број на списанието „Јустиција“. „Јустиција“ е списание во кое ќе објавуваат свои трудови студентите по право и млади правници за теми за кои имаат познавање или пак се заинтересирани да истражуваат повеќе.

„Се водиме од мотото дека Јустиција е списание од студентите за студентите, и можеме да се пофалиме дека е единствено од овој тип во Република Македонија. Замислено е да излегува еднаш во академската година со цел студентите да имаат доволно време да творат и да создаваат квалитетни трудови кои навистина ќе претставуваат придонес кон правната наука. Накратко, Јустиција е простор за креативна студентска мисла и се надеваме ќе биде предизвик за амбициозните студенти по право“, истакнува претседателката на ЕЛСА – Македонија, Ангела Јанкоска.

Јанкоска вели дека списанието „Јустиција“ има долга историја во ЕЛСА. За прв пат е објавено 2000-2001 година, кога и редовно излегувало, но, за жал, со текот на годините замрело. Ние, додава претседателката на ЕЛСА, како извршен одбор, веќе подолго време имавме цел да го воспоставиме повторно.

„Благодарејќи на поддршката и на помошта од Еуролинк осигурување АД Скопје и Општина Дојран успеавме во замислата. Со овој прв број ние, во суштина, само возобновуваме една убава традиција и ѝ даваме еден нов, современ изглед“, вели Јанкоска.

На промоцијата на списанието беше нагласено дека „Јустиција“ е „глас на современиот студент по право.“ Наменета е за подигнување на правничката и критичката мисла, и цели кон тоа да ги поттикне студентите уште од млади години академски да се едуцираат и надградуваат.

„Списанието со текот на времето ќе расте и ќе созрева заедно со неговите автори и се надеваме дека ќе си го најде своето место како задолжително четиво за студентите“, посочи на настанот претседателката на ЕЛСА – Република Македонија.

Според Фани Димоска, потпретседател на ЕЛСА и една од главните уреднички на списанието, мисијата на списанието е студентите по право и младите правници да имаат простор за изразување на своите размислувања во врска со правото.

„Мисијата на нашето списание е да им овозможи на младите правнички умови да ги преточат своите мисли во пишан збор, достапен за секој заинтересиран читател. Нашата цел е преку Јустиција да им отвориме простор на студентите каде што ќе можат да ги искажат своите видувања, да ја предизвикаат правната теорија со нови гледишта, каде што секој ќе може да прочита инвентивна содржина креирана од новите генерации правници. Се надеваме дека во иднина списанието сè повеќе ќе се развива и ќе привлекува уште повеќе студенти кои имаат што да кажат“, нагласува Димоска.

Како студентска организација, водена за и од студентите по право и младите правници, активностите на ЕЛСА – Република Македонија се насочени кон развој и доедукација на студентите, развивање на правнички вештини, но и кон градење на професионалци подготвени да се соочат со предизвиците на животот. Како дел од пошироката европска мрежа, ЕЛСА ги вмрежува студентите и ги поврзува со студенти по право од други држави, интернационално ориентирајќи ги.

Во првиот број на списанието „Јустиција“ се застапени следните теми:

  • „Рамнотежа на силите како облик на организација на моќта во меѓународните односи“ – Емир Демировиќ;
  • „Пиратеријата како криминал на 21 век“ – м-р Мартин Нацевски;
  • „Улогата на Управата за финансиско разузнавање во државниот систем на спречување на перење пари во РМ“ – Ангела Јанкоска;
  • „Современо енергетско право на Европската Унија: Технологијата како двигател на правниот прогрес “ – Фани Димоска;
  • „Принципот non bis in idem забранува двојно водење на прекршочна и кривична постапка за истото дело“ – м-р Константин Битраков;
  • „Говорот на омраза – нуспроизвод и контраиндикација од (зло)употребата на слободата на изразување “ – м-р Иван Дургутов;
  • „Судир на глобални интереси во интеграцијата на Балканот во ЕУ и НАТО“ – Атанас Аврамов;
    „Eтички аспекти и практични проблеми на надоместувањето на нематеријална штета при повреда на телесен и душевен интегритет“ – Искра Кочова;
  • „Хемиската кастрација – мртов збор на хартија заглавен низ призмата на нефункционалноста на судството“ – м-р Ѓурѓица Илиева;
  • „Осврт на Парискиот договор за климатски промени“ – Беба Жагар;
  • „Право на биомедицинско потпомогнато оплодување со посебен осврт кон научно-истражувачката работа со ембриони “ – Билјана Петревска;
  • „Зошто јас?“ – Надица Упчева;
  • „Зошто арбитража? “ – Илир Бафтијари;

М.В