/ Прочитано:

1.379

Протоколот од Монтреал дополнет со нов амандман: Ќе се исфрла од употреба флуоројаглеводородот (HFC), гас кој го има во фрижидерите и климатизерите

Граѓаните се обврзани своите стари и расипани фрижидери да им ги предадат на трговци поединци или на трговци правни лица кои се занимаваат со собирање и откуп на стара опрема. Според  Министерството за животна средина превидени се казни доколку не ја примат опремата. За правните лица казната изнесува 2 000 евра, а за трговците поединци 1 000 евра. Предвидена е и глоба за несовесност. Лицата што ќе ги фрлат разладните уреди на отпад без да ги испочитуваат сите предвидени постапки мораат да платат казна во износ од 60 евра.

Руанда протокол

Епохален договор од историско значење. Екологистите и државниците не штедеа зборови на пофалба при потпишување на Спогодбата зад која застанаа 150 земји, кога пред две недели во Руанда договорија одредени правила за постепено намалување на гасовите што негативно влијаат врз глобалното затоплување. Спогодбата од Руанда се смета за продолжение на Протоколот од Монтреал од 1987 година, чија главна цел е заштита на озонската обвивка. Делегатите собрани во главниот град на Руанда, Кигали, го поддржаа Амандманот на овој протокол кој ќе ги обврзе поголемите држави да почнат да  ја намалуваат употребата на флуоројаглеводороди (HFCs) до 2019 година. Станува збор за течен гас кој го има во климатизерите, фрижидерите и спрејовите.

Република Македонија сè уште го нема ратификувано Амандманот. Според  Министерството за животна средина и просторно планирање, во моментов се работи на согледување на ситуацијата со потрошувачката на овие супстанции во земјава. Оттаму велат дека кај нас начинот на постапување со ова средство за ладење, кое негативно влијае врз озонската обвивка доколку неконтролирано се испушта во атмосферата, е регулирано со закон и со правилник.  Во РМ е донесен Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, но и Правилник за минимални барања за одвоен третман на отпадната опрема (фрижидери, клима уреди) и минимални технички услови за нивно складирање. Ова практично значи дека постојат строги и прецизни регулативи за начинот на кој старите и веќе неупотребливи клима уреди, фрижидери итн., се собираат и се складираат во отпад. Гасовите содржани во нив, кои ја осиромашуваат озонската обвивка и кои влијаат негативно врз глобалното затоплување, соодветно и правилно треба да се извадат и да се обработат. Во Македонија има 55 сервиси кои имаат опрема за извлекување и за рециклирање на разладното средство. Вработените во овие сервиси се обучени да го рециклираат стариот фреон, односно по хемиски пат да го претворат во незагрозувачки за атмосферата, а клима уредот да го наполнат со нов, еколошки фреон.

„Постапката е следна: лице што сака да го фрли стариот клима уред, повикува еден од лиценцираните сервисери. Прво, се празни уредот од разладното средство, и тоа на соодветен начин регулиран со закон, за што даваме потврда. Потврдата е услов лицето да може да го предаде уредот на овластен собирач на отпад. Извадениот фреон го рециклираме, а оној што е неупотреблив го предаваме на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка при Министерството за животна средина. Потоа, оттаму го испраќаат на целосно уништување, но само откако ќе биде собрано предвиденото количество, регулирано со норми“, вели Љупчо Масларков, од сервисот „Контакт 2000“.

Стар фрижидер

Регулативата предвидува обврска за сервисерите што вршат собирање и рециклирање на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка да  достават извештај за собраните количини на овие средства за ладење. Во спротивно, се соочуваат со казни до 3 000 евра. На сличен начин е регулирана и постапката на одложување на останатите разладни уреди. Така, на пример, граѓаните се обврзани старите фрижидери да им ги предадат на трговци поединци или на трговци правни лица кои се занимаваат со собирање и откуп на стара опрема. Според  Министерството за животна средина превидени се казни доколку не ја примат опремата. За правните лица казната изнесува 2 000 евра, а за трговците поединци 1 000 евра. Предвидена е и глоба за несовесност. Лицата што ќе ги фрлат разладните уреди на отпад без да ги испочитуваат сите предвидени постапки мораат да платат казна во износ од 60 евра. Во ресорното министерство немаат прецизни податоци за бројот на казнети, но посочуваат дека тој број постојано се намалува. Сепак, за негово целосно намалување обучените сервисери сугерираат помасовни акции за информирање на граѓаните за текот на целата постапка.

Еколошките организации кои ја следат ситуацијата во Македонија засега  се задоволни од резултатите. Би било убаво, велат, доколку стоиме подеднакво добро и во другите сфери од екологијата. Основа на нивниот оптимизам се показателите за измерена потрошувачка на супстанции кои ја оштетуваат озонската обвивка во периодот од 10 години, кои покажуваат постојано намалување.

Вкупна потрошувачка на супстанции кои ја оштетуваат озонската обвивка (ODP)

Tabela

 Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Според екологистите, добрите резултати не треба да ја амнестираат Македонија од повремена неактивност во меѓународни рамки. Инсистираат на важноста на Договорот од Руанда и на потребата нашата држава да го ратификува Амандманот на Протоколот од Монтреал, кој треба да влезе во сила на 1 јануари 2019 година.

Договорот од Руанда не превидува казни за непочитување на пропишаното. Комитетот за имплементација, кој беше формиран уште со протоколот од Монтреал, ќе продолжи да ја следи имплементацијата на пропишаното, а секоја држава што ќе го ратификува Амандманот ќе има обврска редовно да известува за потрошувачката на супстанциите со одреден потенцијал за глобалното затоплување. Секако, ова ќе се однесува и на Македонија доколку ја ратификува Спогодбата. Пенали не се предвидени доколку не влезе во таа група на земји, па дури и во случај на зголемена потрошувачка на овој течен гас. Во Министерството за животна средина не го земаат предвид ова сценарио. Според нив, нашата држава досега немала какво било искуство со изречени казни бидејќи на ова поле секогаш сме постигнувале и повеќе од пропишаното. Хипотетички, отстапувањето од пропишаните вредности единствено би имало реперкусии врз проектите од областа на животната средина кои се финансирани од меѓународни организации.

При усогласувањето на Спогодбата се работело цели 7 години. Американскиот државен секретар Џон Кери, кој помогнал во усогласувањето на Договорот, веднаш по потпишувањето на Договорот изјавил дека тоа е огромна победа за планетата Земја. „Станува збор за чекор кој ќе помогне да го намалиме затоплувањето на планетата за 0,5°С“, соопшти Кери веднаш по потпишувањето на Договорот. Правилата што треба да помогнат во намалувањето на гасот флуоројаглеводород не се исти за сите држави. При распределбата и промената на технологиите, покрај количините на производи кои го содржат овој течен гас, се водело сметка и за капиталот со кој располагаат земјите. Побогатите држави, како државите од ЕУ, САД, ќе почнат да ја намалуваат неговата употреба во следните неколку години, и таа од  2019 година треба да биде за 10 % помала. Кина како најголем светски производител на овој гас треба да ја стопира неговата употреба од 2024 година. Индија ќе почне уште подоцна, или од 2032 година.

Стари фрижидери

Здруженијата за заштита на животната средина во меѓувреме повикаа на уште поамбициозни мерки и предупредуваат на штетата која до 2050 година ќе ја направат 1,6 милијарди клима уреди со сомнителен квалитет, кои се широко распространети меѓу средната класа во Азија, во Латинска Америка и во Африка. Тие ги преиспитуваат отстапките што беа направени во однос на Кина и на Индија, предупредувајќи дека тие можат да ја загрозат крајната цел – намалување на глобалното затоплување за 0,5 °С.

„Оваа бројка е од огромно значење на глобално ниво“ – вели Јован Мазгански од еколошкото друштво „Екоскоп“.

„Тоа ќе придонесе да не се стопат милиони кубици ледници, значајно да не се нарушат атмосферските врнежи. Само мали нарушувања на средната годишна температура можат да доведат до зголемени катастрофи на Земјата, од долготрајни суши до обилни врнежи кои за кратко време ќе предизвикаат поплави, промени на вегетацијата… Договорот од Руанда е огромен чекор во обидите сето тоа да се спречи“, објаснува Мазгански.

А. Б.