/ Прочитано:

2.396

ПССЕ го изгласа Јован Илиевски за судија во Европскиот суд за човекови права

Парламентарното собрание на Советот на Европа вечерва со тајно гласање го избра обвинителот Јован Илиевски за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права.

Јован

Обвинителот Јован Илиевски е новиот судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Парламентарното собрание на Советот на Европа вечерва со тајно гласање го избра Илиевски со 106 гласа наспроти Наташа Габер-Дамјановска, за која гласаа 86 парламентарци.

Мандатот на Јован Илиевски ќе трае 9 години без право на реизбор, а на должност ќе стапи во февруари 2017 година.

Неодамна, по интервјуата спроведени со кандидатите Јован Илиевски, Звонимир Јанкуловски и Наташа Габер-Дамјановска, Одборот за избор за судија при ЕСЧП оцени дека уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска е најквалификуваниот македонски кандидат за судија во Стразбур. Уставната судијка го искоментира изборот на обвинителот Јован Илиевски на социјалните медиуми.

„За да не ме прашувате одделно, еве да ви кажам: Илиевски – 106 гласа, јас – 86 гласа. Премногу и од Европа“, вели уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска.

Д-р Јован Илиевски е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во 2013 година докторирал на УКИМ на тема „Историја на македонското јавно обвинителство – позиција, улога и перспективи“. Близу две декади работи во Основното јавно обвинителство. Минатата година, Илиевски беше избран за претседател на Комисијата за воедначување на казнената политика.  Комисијата е тело што се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

А. Б.