Работничките и работниците кои користат отсуство поради бременост имаат право на регрес за годишен одмор
Комисијата за толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, на состанок одржан на 6.3.2018, одлучи дека жените кои користат отсуство поради бременост и раѓање, односно кои се на породилно отсуство, а се во работен однос шест месеци кај ист работодавач во календарската година имаат право на исплата на надомест за регрес за годишен одмор, познат како К-15, информираат од Хелсиншкиот комитет.
На состанокот членовите на Комисијата истакнале дека треба да се користи толкувањето на Комисијата за примена на регрес и допрецизирање на толкувањето од 2015 година, во согласност со кое жените кои користат отсуство поради бременост и раѓање имаат право на исплата на регрес за годишен одмор.
Воедно, Министерството за труд и социјална политика испратило барање до Државниот инспекторат за труд за известување на инспекторите за уедначена примена на оваа одредба од Колективниот договор.
Во согласност со толкувањето на Комисијата, Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителен за сите работодавачи и работници кои работат во приватниот сектор од областа на стопанството, вклучително и за работничките кои користеле отсуство поради бременост. Правото на надомест на трошоците поврзани со работа како што е правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 % од основицата под услов работникот да бил вработен најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Поточно, работодавачот е обврзан во годишниот финансиски план навремено да ја предвиди оваа финансиска обврска како финансиски расход за секоја наредна година.
„Хелсиншкиот комитет во јануари 2018 година реагираше на погрешната примена на одредбите на Колективниот договор кои се однесуваат на исплата на надомест за регрес на годишен одмор за работниците кои користеле породилно отсуство, кои во Република Македонија се најчесто жените. По ваквата реакција на Хелсиншкиот комитет следеше реакција на претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, кој даде погрешно и дискриминаторско толкување на одредбите на Колективниот договор кои се однесуваат на исплата на надомест за регрес на годишен одмор, изјавувајќи дека условот за користење на правото на паричен надоместок за регрес на годишен одмор бил „работниците да доаѓале активно на работа 6 месеци“, иако во самиот Колективен договор воопшто не е така регулирано. По оваа изјава, Хелсиншкиот комитет повторно побара правилна и уедначена примена на Колективниот договор, осудувајќи го погрешното и дискриминаторско толкување на одредбите од Колективниот договор од страна на претседателот на Организацијата на работодавачи“, соопштуваат од Комитетот.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува ваквата одлука на Комисијата, но апелира на родова сензитивност во толкувањето на Општиот колективен договор. Имајќи предвид дека во текот на изминатите 6 години 211 мажи го искористеле правото на отсуство поради родителство и сè поголемиот тренд на користење на ова право од страна на мажите, сметаме дека правото на исплата на регрес за годишен одмор им следува на сите работници и работнички кои користат отсуство поради бременост и раѓање (односно кои се на породилно отсуство), а се во работен однос шест месеци кај ист работодавач во календарската година. Апелираме до сите работодавачи во приватниот сектор да ја почитуваат ваквата одлука и да им исплаќаат надоместок за регрес на годишен одмор на сите работници и работнички кои користеле отсуство заради бременост и раѓање, а се во работен однос шест месеци кај ист работодавач во календарската година. Воедно, апелираме до Државниот инспекторат за труд уедначено да го применува ваквото толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството при вршењето на инспекциските надзори за исплата на надомест за регрес за годишен одмор од страна на работодавачите.
М.В